Кувајт нема пари за плати. Кувајт.

Моментално сме август, а државата нема пари да исплати плати по октомври, и тоа државата не е која било, туку Кувајт.

Земјата има ликвидност од 6,6 милијарди долари, што е доволно за до платата во октомври, објави кувајтскиот министер за финансии Барак Ал Шитан.

Владата моментално повлекува пари од Главниот резервен фонд со стапка од 5,57 милијарди долари месечно, што значи дека ликвидноста наскоро ќе биде исцрпена ако цените на нафтата не се подобрат и ако Кувајт не може да позајми пари од локалните и меѓународните пазари.

Информацијата беше објавена за време на парламентарната расправа околу можноста Кувајт да пушти во оптек државни обврзници за малку од малку да се покрие додека е во криза, што излезе дека и не е најпосакуваната опција.

Законодавците ја дебатираа и опцијата за укинување на трансферот на 10% од приходите од нафта во Фондот за идни генерации, основан со цел да им се даде на идните генерации колку-толку фора во времето кога залихите на нафта ќе пресушат.

За годинешната фискална година кувајтската влада предвидува дека ќе има дефицит од речиси 46 милијарди долари.

19 август 2020 - 13:44