САД го држат приматот на светски економски лидер повеќе од еден век, меѓутоа брзиот ритам со кој Кина станува потрошувачко општество за само една деценија ќе го смени редоследот на врвот на табелата.
Претходно се проценуваше дека САД имаат фора уште 15-20 години да останат најголеми светски економски играчи. Меѓутоа, со оглед на проценките дека кинеската потрошувачка ќе се триплира во следната декада, смената на врвот сега се очекува да се случи во 2024-та година.
Тогаш кинескиот БДП би требало да достигне вредност од 28 трилиони насопроти очекуваните 24,7 трилиони кои ќе ги држат Американците.
Во моментов САД имаат значајна предност; 17,4 наспроти кинескиот БДП од 10 трилиони.
Ако овие предвидувања се покажат точни, за само 10 години, една петтина од вкупната вредност на глобално ниво ќе биде кинеска. Денес тие држат "само' 12 проценти од глобалниот БДП.
Кинезите и во моментов се толку економски силни што можат да си дозволат да градат нови градови, да отвораат трговски центри од 500 милиони долари а кога ќе излезе на берза, од нивната компанија Али Баба се очекува да постигне вредност близу 160 милијарди долари.