Како Русија може да го заобиколи ограничувањето на цената на нафтата од Г7

Неофицијалните граници на цената на нафтата од 40 до 75 долари по барел во времето на Трамп се одржуваа со комбинација на закани (повлекување на армијата од Саудиска Арабија) и награди (гаранции за зголемување на воената помош). Проблемот со овој пристап е што Саудиска Арабија ниту е нуклеарна сила, ниту е сред инвазија на европско тло.

Ситуацијата не е ништо подобра ни од економска страна бидејќи досегашните рамки за цената на нафтата функционираа паралелно со искористување на евтин руски гас, наспроти сегашната цена и дефицит на истиот. Цените на енергенсите доведоа до директно страдање и кај најголемите светски економии, кои сега и немаат толку простор за маневар во наметнување на својата волја барем кога е во прашање Русија и цените по кои го продава горивото.

„Затоа, од една страна, последна работа што ја сакаат големите економии од Г7 е кризата да биде засилена со дополнителен пад на снабдувањето со руски нафта и гас, додека од друга страна, тие се свесни дека секој дополнителен долар додаден на цената по која Русија ги продава своите нафта и гас, значи дека таа подолго може да остане во Украина и да убива уште повеќе Украинци,“ пишува Сајмон Воткинс во текстот за Оил прајс.

Во ваква состојба, процената на американската министерка за финансии е дека цената од 60 долари за барел ВТИ би и дала на Русија стимул да продолжи да продава нафта, и на крај ќе стигне до цена од 68 долари за барел брент нафта, што е во рамки на неодамнешната рекордна разлика на брент во однос на ВТИ. Конечната одлука околу ова треба да биде донесена на 5 декември.

Воткинс проценува дека дури и да биде донесено ограничувањето, не е сигурно колку ригорозно тоа ќе биде или може да биде спроведено, бидејќи Г7 нема намера да ја спречи Русија да извезува нафта, туку само сака да ограничи колку приход може да направи од барел.

„Главното прашање за глобалните нафтени пазари е колку нафта може Русија да извезе дури и со ограничување на цената?

Ова е клучната бројка, бидејќи ако рускиот нафтен извоз протече во глобалните пазари по цени над ограничувањето, тоа пак ќе влијае на крајната цена. А одговорот на ова во најголем дел зависи од бродските капацитети и коридорот Русија-Иран-Ирак-Кина,“ пишува Воткинс.

Околу капацитетите, процената на луѓе од американската и европска нафтена индустрија е дека Русија за многу кратко време може да обезбеди барем три четвртини од бродовите потребни за испорака на вообичаените количества нафта до своите купувачи, а за неколку недели и до 90%.

На крајот од јануари годинава, Русија  извезува 7,8 милиони барели нафта на ден. Што значи дека глобалните пазари би загубиле само меѓу 0,78 и 1,95 милиони барели нафта во споредба со пред почетокот на војната. Во корист на Русија оди тоа што и таа и Иран и Кина имаат сопствени флоти нафтени танкери, кои им се постојано достапни, па не се тангирани од заканите за укинување на осигурувањето или заштита на товарот.

Второ, Русија на располагање го има целото знаење на Иран за заобиколување на санкции, кој од 1979 е под санкции. Како што ќе се пофали во Доха во 2018, тогашниот ирански министер за надворешни работи „ако има една вештина што ја имаме усовршено, тоа е вештината на избегнување санкции.“

Заобиколувањето на санкциите знае да се сведе на менување (пиши-бриши) на документите или едноставно гасење на системот за идентификација на бродот, па тој непречено да се појави на некое пристаниште и таму да го истовари својот товар од каде преку посредници влегува на глобалниот пазар на гориво.

„Во Европа, Иран го користи овој метод за да внесе нафта во некои од помалку контролираните пристаништа или пазари во јужна Европа, вклучително оние во Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Хрватска. Од таму, нафтата лесно може да се префрли кај големите нафтени потрошувачи во Европа, вклучително и преку Турција.

За азиските пратки, потврдената методологија од иранската санкционирана нафта, исто така достапна и за руската нафта, веќе наводно ја вклучи Малезија како центар за препраќање нафта во Кина, при што танкери со крајна дестинација во Кина претовараат иранска нафта сред отворено море или пред влез во пристаништата во танкери кои пловат под не-иранско знаме,“ објаснува Воткинс.

Заради сличноста на дел од руската нафта со иранската нафта, не се исклучува и опцијата двете земји да договорат „трампа“ па руска нафта да заврши онаму каде што е неопходна санкционираната иранска нафта, а иранската на руските дестинации.

2 ноември 2022 - 11:05