Како Луи Витон се обиде да им се ценка на Тифани

По неколку драматични месеци во кои речиси целосно беше откажан 15,8 милијарди долари тешкиот договор, неделава се очекува дека акционерите на Тифани конечно ќе го одобрат спојувањето (и капитулацијата) кон ЛВМХ Моет Хенеси Луи Витон.

Бернар Арно, сопственикот на Луи Витон.

Спојувањето нема да се одвива според желбите на првиот човек на Луи Витон, Бернар Арно, кој со месеци се бореше одново да се преговара веќе договорената цена на Тифани, откако пандемијата на ковид-19 сериозно ги накрши математиките на целата индустрија за луксузни производи.

Неколку месеци тегнење и закани дека договорот се откажува, последно е дека Тифани ќе ја симне цената за 2,6%, а Арно за да не се матка по судови заради раскинување договор во последен момент, ќе се согласи да ја купи компанијата по цена само малку пониска од пред-пандемиската.

Арно со години ја мерка Тифани, за во октомври 2019 да даде понуда од 120 долари за акција. Неколку недели преговори и Луи Витон и Тифани постигнуваат договор на 135 долари за акција, што е близу до највисоката цена што акциите на компанијата некогаш ја достигнала.

По само неколку недели од Вухан доаѓаат првите извештаи за појава на коронавирусот. Во март, заедно со остатокот од економијата низ светот, затвораат и луксузните дуќани.

Во текот на летото луѓето на Луи Витон го вклучуваат францускиот министер за финансии од кого бараат да им најде начин како одново да ја преговараат цената или да се повлечат од договорот за спојување.

На 8 септември Луи Витон ја информира Тифани дека добиле писмо од францускиот министер за надворешни работи кој од нив бара да го одложи купувањето на Тифани до 6-ти јануари 2021, како би и помогнало на Франција во преговорите за данок и тарифи со САД.

Следниот ден Луи Витон објавува дека се повлекуваат од договорот. По ова Тифани веднаш поднесува тужба со цел да го присили Луи Витон или да ја купи компанијата или да плати отштета. Тогаш од Тифани тврдеа дека Луи Витон извршиле притисок врз француската влада да го напише писмото до нив.

На 16 септември консултантите на Тифани се контактирани од францускиот банкар Грегори Хузе, кој за прв пат се појавува во преговарањето како човек на Луи Витон. Хузе тогаш спомнува дека неговите се заинтересирани да се спогодат, што е одбиено од Тифани, дополнувајќи „ни се свиѓа какви ни се шансите на суд“.

Хузе на почетокот на октомври повторно им нуди на Тифани договорот да се затвори на 120 долари по акција, или 15 помалку од договорените 135. Одговорот на Тифани е дека малку е веројатно дека ќе прифатат така големо намалување на цената.

Веќе на 15 октомври Тифани ги објавува првичните резултати за август и септември 2020, кои покажуваат дека бројките почнале да се стабилизираат. Продажбата на светско ниво била малку намалена, но оперативните приходи биле поголеми за 25% од претходната година. Во овие два месеца Тифани пријавила и силна он-лајн продажба и раст во Кина.

Три дена подоцна, Хузе пушта нова понуда до Тифани, овој пат 131,5 долари по акција. Од Тифани чувствуваат дека се исплати да го дадат малиот попуст за да се заврши договорот. Двете компании на крајот на октомври си даваат рака на 131,5 долари.

Попуст и заштедува 440 милиони долари на Луи Витон групацијата, што е помалку од 1% од нејзините приходи за 2019.

30 декември 2020 - 11:19