Како биткоин се пошашави за празнициве

На 3 ноември биткоинот беше 14.000 долари, во неделата, пред да падне, растеше и повеќе од 1.000 долари на ден за да достигне блесави 34.000 долари за еден биткоин.

За скептиците вака непредвидениот раст во изминатите два месеца без сомнеж ќе заврши со уште едно масовно разочарување и пискотници од Вол стрит до Пекинг.

Стандардно има и друга страна според која овој пат е поразлично отколку пред претходниот колапс. Ова според нив се темели на тоа што институционални инвеститори се зафатени од ФОМО (fear of missing out) околу биткоинот.

Така ЈПМорган, Гугенхајм и 169 години стариот осигурителен гигант МасМјучуал, неодамна одобрија купување на биткоини во вредност од стотици милиони долари и истото оправдувајќи го со процената дека вредноста на биткоинот ќе достигне 400.000 долари.

Плус, сервиси како Сквер, Пејпал и Виза, воведоа или работата на воведување на плаќање со биткоин и уште некои криптовалути.

Надежта на „големите“ е дека пензиските фондови и осигурителните компании од САД, ЕУ, Британија и Јапонија ќе одвојат 1% од својот посед за биткоин, што сериозно ќе ја зацврсти криптовалутата.

До пред некоја недела највисоката цена на биткоинот беше од декември 2017 кога достигна речиси 20.000 долари по што следуваше крах.

5 јануари 2021 - 11:17