
Елитата на чело на технолошките гиганти е убедена дека малиот број врвни инженери се најбитни за развојот на вештачката интелигенција и не штедат пари за да ги привлечат во своите компании. До пред некоја година се ценеа инженери 10х (за кои се смета дека се вредни како десет просечни), но во индустријата на ВИ сега се бараат 10.000х.
На пазарот на таленти денес најпривлечен е Антропик, а најчесто заминуваат инженерите од лабораториите за вештачка интелигенција на Мета и на Гугл, покажуваат резултати од истражување на SignalFire. За споредба, на секој инженер од Антропик што Мета го привлекла во својот проект Дипмајнд, во спротивна насока заминале дури 10,6 вработени.
Антропик има и невообичаено висока стапка од 80% на задржување на вработените во рок од две години. Просекот во информатичката индустрија е меѓу 40 и 50%, вклучувајќи ги и отпуштањата, а кај стартапите за вештачка интелигенција варираат помеѓу 63% и 78%.
Не е откриено какви финансиски понуди дава Антропик за да привлече инженери што во други фирми заработуваат милиони. Но, не е се во парите.
Според истражувањето на SignalFire, покрај платата, предноста на Антропик е „културата на прифаќање неконвенционални мислители“. Вработените имаат флексибилни опции за работа, не се робови на строга хиерархија и нема однапред трасирани патеки за напредување. Со други зборови, има повеќе истражувачка автономија и помалку бирократија.
Вработувањето во лабораториите за ВИ е како партија брзински шах. Сакаат да повлечат потег што е можно побрзо и спремни се да платат повеќе за кандидати со специјализација и повисока експертиза, како посилни фигури. Дали имаме доволно ловци? Доволно топови? Објаснува Ариел Херберт-Фос, истражувач што заминал од Опен АИ и основал сопствена компанија за кибернетска безбедност.
Ниам Браун, кој придонесол за комплексната математика и расудувањето во моделите на Опен АИ, вели дека кога барал работа во 2023 година имал специјален третман од елитата. Основачот на Гугл, Сергеј Брин, го почестил ручек, а Сем Алтман од Опен АИ го поканил на партија покер. Инвеститор чие име не го спомнува испратил приватен авион по него. Луѓе блиски до Илон Маск тврдат дека тој лично им се јавува на експерти за да ги убеди да преминат во неговата компанија xAI.