Гугл влезе во големите 4

Алфабет им се приклучи на Микрософт, Епл и Амазон, како 4-та компанија во историјата што ја надмина вредноста од 1.000 милијарди долари.

Границата е помината вчера при крај на берзанскиот ден, кога акциите на Алфабет ја достигнаа рекордната вредност од 1.450,16 долари за акција.

За овој успех на Гугл му требаа околу 16 години. Гугл излегува на берза во 2004, со почетна вредност на акциите од 85 долари. По почетната понуда, вредноста на Гугл изнесуваше 23 милијарди долари.

[twitter:https://twitter.com/marissamayer/status/1216799582392213504]

Столбовите на успехот на Гугл се контролата врз пазарот за интернет пребарување, постојан раст на приходите од реклами во пребарувањето и реклами на Јутјуб, растот на Андроид, и почетокот на продажба на сопствен хардвер.

Вака тазе осоколени од достигнувањето 1.000 милијарди долари, аналитичарите проценуваат дека компанијата може да ја достигне и границата од 2.000 милијарди долари, бидејќи проценката е дека „тие имаат каде да растат“.

Како простор за растење тие ги подразбираат сите начини на кои Алфабет може дополнително да извади пари од рекламирање, плус бизнисот со клауд компјутери, или влегувањето во милијарди долари вредни индустрии, како нивниот план за пробување во здравствената заштита.

Инаку Епл моментално е на 1.400 милијарди долари, Микрософт е на 1.270 милијарди долари, Амазон периодов падна и сега вреди 931 милијарда долари.

17 јануари 2020 - 13:46