Грчки бродосопственици заработија милијарди од превоз на руска нафта

Додека земјите од Г7 се обидуваат да ги ограничат приходите од нафта на Кремљ, грчки бродосопственици оствариле профит од речиси 4 милијарди долари од транспорт на руска нафта во изминатите три години. Западните превозници се изземени од режимот на санкции за Кремљ ако гарантираат дека нафтата се продава по ограничените цени. 

Од првите 20 компании што најмногу профитирале од руските испораки на нафта со бродови по јуни 2023 година, осум се грчки. Сите други се руски, како државните „Совкомфлот“ и „Роснефлот“, а само една е со седиште во Хонг Конг.

Грчките бродски компании заработиле најмалку 3,8 милијарди долари. Најголем профит од 915 милиони долари остварила „Динаком Танкерс“, основана од грчкиот бродосопственик Јоргос  Прокопиу. „Олимпик Шипинг енд Менаџмент“ на групацијата Оназис заработила 404 милиони долари, а „Стелт Маритим“ и „Полемброс Шипинг“ со седиште во Атина, заработиле повеќе од 200 милиони долари.

На западните оператори им е дозволено да обезбедуваат транспорт или услуги за руска нафта, но само по цена под ограничувањето на Г7, кое денес изнесува 44,1 долари за барел. Од бродосопствениците се бараат документи што потврдуваат дека товарот што го превезуваат е со цена под ограничувањето.

Пресметките на FT ги опфаќаат само главните рути за кои агенцијата Argus наведува прецизни податоци за цените. Проценката се однесува само на 389 милиони барели испорачани од грчки танкери. За уште 153 милиони барели не е наведена цената. 

„Динаком“ е меѓу најактивните бродски компании во Ормускиот теснец од почетокот на војната на 28 февруари. Според анализата на податоците од Виндворд и Вортекса, речиси 15% од извозот на руска сурова нафта во мај бил испорачан преку грчки компании.

Грчките бродосопственици се познати како најтолерантни кон ризикот во транспортот. Еден танкер на „Стелт“, кој превезувал руски амонијак, бил цел на сомнителен украински напад минатата година. Трговците плаќаат околу 30 до 40% повеќе за танкери што носат руска сурова нафта во споредба со нафтата од земјите што не се цел на западните мерки, според бродоброкерите. 

Таму има пари што треба да се заработат и никој друг не се осмелува да влезе во бизнисот, рече аналитичарката за поморска разузнавачка служба Мишел Визе Бокман.

Улогата на грчките бродосопственици во транспортот на руска нафта разгоре тензии меѓу Атина и Киев. Украина во 2023 година прогласи за „меѓународни спонзори на војна“ неколку грчки компании, вклучувајќи ја и „Динаком“, но подоцна беа отстранети од листата по притисок од грчката влада.

Руската нафта продолжува да генерира милијарди за Кремљ бидејќи владите не успеаја да ги затворат очигледните дупки во системот. Грчката влада постојано ги избира интересите на својата бродска индустрија пред построгите санкции и мирот, вели Свитлана Романко, директорка на украинската кампања која се стреми да ја прекине трговијата со руска нафта и гас.

8 јули 2026 - 08:29