Големите американски банки одбивале „политички неподобни“ клиенти

Деветте најголеми американски банки вршеле дискриминација на клиенти врз основа на нивните проценети политички, идеолошки религиозни или социјални убедувања и деловни активности. На удар најчесто биле бизниси поврзани со рударство и експлоатација на фосилни горива, производители на огнено оружје и тутунската индустрија.

Истрага на Канцеларијата за контрола на валутата (OCC) открила систематски напор во банкарскиот сектор насочен кон ограничување на пристапот за политички чувствителни индустрии преку јавни и приватни политики.

Регулаторното тело за банкарство при Министерството за финансии разгледало речиси 100.000 жалби и уште 50.000 документи од деветте најголеми банки - JPMorgan Chase Bank, Bank of America, Citibank, Wells Fargo Bank, US Bank, Capital One, PNC Bank, TD Bank и BMO Bank - во врска со нивните политики, процедури, практики и индивидуални одлуки. Заклучило дека банките немале објективни критериуми базирани на финансиски ризик, туку ефикасно исклучувале легитимни клиенти и бизниси врз основа на идеолошки наклонетост.

Заемодавателите го ограничиле пристапот на одредени сектори до финансиски услуги: истражување на нафта и гас; рударство на јаглен; производство или дистрибуција на огнено оружје или муниција; изградба или работење на установи за притвор, како и за производство, дистрибуција или онлајн малопродажба на тутун или електронски цигари.

Банката Capital One, на пример, во 2023 година одбила да обезбеди услуги за организација која се залагала за правата на абортус. Вработен во одделот за управување со ризици забележал дека  95% од политичките донации на организацијата биле упатени кон демократите.

Извештајот дава неоспорни докази дека најголемите банки во земјата ги негирале, дебанкирале и дискриминирале клиентите и законските бизниси. Американците треба да имаат пристап до финансиски услуги без оглед на нивните верувања или политички ставови, изјави контролорот на валутата Џонатан Гулд.

Сите девет банки соопштија дека ја преиспитале улогата на репутациски ризик во одлуките за прифаќање или прекинување на договорите со нови клиенти. Службениците сега повеќе ќе се посветуваат на вообичаените практики на проценување ризикот од перењето пари и финансирањето тероризам.

Го прифаќаме извештајот сериозно, научивме од него и го подобривме начинот на кој работиме. Се согласуваме со администрацијата за поширока поента: годините работење во регулаторна средина во која честопати се преиспитуваа одлуките, придонесоа за култура на претпазливост низ банкарската индустрија. Тој систем треба да се поправи, соопшти JPMorgan Chase.

Истрагата била спроведена врз основа на извршната наредба од претседателот Трамп за „гарантирање фер пристап до банкарство за сите Американци“. Трамп лично поднесе тужба против Capital One и против JPMorgan Chase, тврдејќи дека тие ги затвориле неговите лични сметки и сметките на неговите компании по нападот врз Капитолот во јануари 2021 година.

16 октомври 2026 - 08:51