Филџан профит

4,6 милијарди евра годинава Британците ќе потрошат само на кафе за носење / седење, плус на ова е кафето што го прават по дома (ако воопшто прават).

Ова се бројките од големите синџири како Коста кафе и Старбакс, и тие се за 1,15 милијарди евра повисоки отколку во 2015. Ваквиот скок е и покрај тоа што растот на потрошувачката во големите брендови во периодот 2015-2019, се намалува за две-третини.

Една четвртина од потрошувачите купуваат кафе и топли пијалаци од ресторани за брза храна како Мекдоналдс, а околу 20% ги купуваат во супермаркети или бифеа во рамки на продавница (пример во Икеа). Се проценува дека низ Британија има речиси 26.000 кафулиња, од кои 2.625 му припаѓаат на Коста кафе.

Процената на Британците е дека кафе бумот во земјата е во „5-от бран“. Во првиот тие пиеа дома. Во вториот почнаа да се отвораат кафулињата на големите синџири како Старбакс, во третиот тие се посветуваат на „крафт кафето“, во четвртиот достигнуваат речиси научно ниво на интерес за кафето, и во петтиот големите брендови прават камбек комбинирајќи ги претходните искуства и нудат поквалитетно „рафинирано“ искуство, вклучувајќи и квалитетна храна.

Она што аналитичарите го забележале е дека иако кафето останува најпопуларниот топол напиток (со 80% од сите нарачки), чајот доживува сериозен скок во побарувачката, и дека половина од милениумците избрале чај како топол напиток кога биле излезени.

6 март 2020 - 18:14