До крај на 2021 на Амазон ќе може да се купува со биткоин

Првата фаза од зближувањето на Амазон со криптовалутите е воведување на биткоин плаќања во својата продавница, втората фаза е воведување на сопствена криптовалута, Амазон коин, за која уште од сега се стравува дека ќе може да биде злоупотребена од компанијата и да се користи за исплата на вработени, нешто слично на бонови од Силекс.

Стандардно информацијата дека Амазон ќе почне да прима биткоин сериозно ја крена вредноста на криптовалутата која сега е нешто пониска од 40.000 долари, откако пред само една недела падна под 30 илјади.

Биткоин ќе биде прва од осумте криптовалути кои Амазон ќе ги прифати за плаќање, меѓу кои ќе бидат и етереум и кардано. Амазон уште од 2019 работи на планот за прифаќање крипто, па се очекува дека нема да треба уште многу време да мине до почетокот.

Паралелно со ова се работи и на создавање на „нативен коин“ на Амазон, за кој компанијата се уште нема дадено никакви пошироки објаснувања.

„Во зависност како гледаш на тоа, планот за пуштање на сопствена криптовалута ќе не врати во минатото, кога компаниите им плаќаа на работниците во бонови кои можеа да ги искористат само во компаниската продавница, или нè лансира во сај-фај иднината во која една корпорација контролира сè што купуваме,“ пишува Мат Новак во текстот за Гизмодо.

Шпекулациите околу Амазон и крипто се засилени и од неколку огласи за вработување, во кои Амазон бара експерти за дигитални валути и блокчејн.

Наводно целата иницијатива околу темата доаѓа токму од Безос.

26 јули 2021 - 13:00