Главната мисија на банката е да им помогне на светските влади во борбата против сиромаштијата, во изградба на училишта и слични јавни проекти. Банката со години не може да ја реши маката со заплетканоста во сопствената бирократија, меѓутоа ова не ни нејзиниот најголем проблем.
"Според нивно лично признание, банката се бори за релевантност сега кога нејзините клиенти повеќе немаат потреба од неа. Растечката средна класа во земјите во развој го привлекува приватниот капитал и ја намалува потребата на земјите да позајмуваат од Светската банка. Сега повеќе од 1.000 милијарди долари годишно од приватниот сектор се влеваат во економиите во развој. За споредба, официјалната помош за развој од Светската банка изнесува околу 125 милијади долари. Минатата година, новите заеми што ги даде Светската банка беа помалку од 35 милијарди долари," пишува во едиторијалот на Блумберг Вју.
Освен ова, владите во светот собираат пари и преку издавање обврзници, а неодамна членките на БРИК и Јужна Африка најавија формирање на посебна банка за развој, која ќе биде директен конкурент на Светската банка.
Меѓу реформите што ги најави сегашниот директор на банката, Џим Јонг Ким, е кратење на буџетот на банката за 400 милиони долари (или околу 8%) и намалување на околу 1.000 вработени во следните години. Во однос на "клиентелата" тој најави фокусирање на екстремно сиромашните и зголемување на приходите на најсиромашните 40% во светот до 2030-та.
Светската банка е основана на Брентон Вудс конференцијата во јули 1944-а, заедно со Меѓународниот монетарен фонд и Меѓународната банка за реконструкција и развој. "Од сите институции кои се појавија по 3-неделната средба во хотелот во Њу Хемпшир, светската банка најмногу ја има надживеано својата цел. Таа има улога што треба да ја одигра, ама за повторно да биде навистина релевантна, таа ќе треба да направи многу повеќе отколку промени во организационата структура."