Блумберг до Запад: Полека со тоа СВИФТ-от

„Храбар чекор. Уште да имаше логика во него,“ стои во едиторијалот на Блумберг по повод одлуката руски банки да бидат исклучени од меѓународниот протокол за трансфер на пари. Уредниците на влијателниот медиум на големиот  капитал предупредуваат дека се прави опасен преседан и дека од таква одлука, покрај сувото, ќе гори и сировото.

пишуваат: Уредници, Блумберг

Западните лидери се согласија околу амбициозен потег за казнување на рускиот претседател Владимир Путин за инвазијата на Украина: да се пресечат најголемите банки во Русија од меѓународниот финансиски систем со исклучување од SWIFT, комуникациски протокол кој овозможува трансфери на пари на глобално ниво.

Уште логиката да го следеше овој храбар потег.

Иако ќе ѝ се зададе брутален удар на Русија, ќе се направи хаос и на други места на начин на кој тоа не го прават традиционалните санкции. Сојузниците треба да знаат дека со оваа историска интервенција поставуваат опасен преседан.

SWIFT (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication) игра клучна улога во меѓународната трговија и инвестиции. Со седиште во Белгија, а надгледуван од глобална група централни банки, системот обезбедува безбедна мрежа и стандардизиран јазик за испраќање и примање инструкции за плаќање - овозможувајќи многу поголем обем и поголема автоматизација отколку телексите кои беа склони кон грешки а кои преовладуваа пред неговото основање во 1970-тите. Вистинските пари се движат одделно, поминувајќи низ мрежа на кореспондентни банки пред да стигнат до својата дестинација.

Да претпоставиме дека машинска работилница од Детроит сака да плати добавувач на алуминиум во Русија. Нејзината локална банка испраќа SWIFT порака до поголема банка - да речеме Ситибенк - со сите потребни информации, вклучувајќи ја и алфанумеричката адреса на институцијата што прима. Ова отпочнува низа трансакции - преместување на средства, да речеме, од сметката на локалната банка на Ситибенк до европска институција како што е Дојче банк, до руската банка и на крајот до добавувачот.

Стандардните финансиски санкции обично го таргетираат вториот дел, движењето на пари. Последниве мерки, на пример против против Сбербанк, најголемата во Русија, бараат од американските банки целосно да ја скинат Сбербанк и нејзините клиенти од финансискиот систем во американски долари.

Традиционални мерки имаат флексибилност за да се лимитира колатералната штета. На пример, се предвидуваат исклучоци од санкциите, да речеме за рускиот извоз на енергија, за да се избегне пораст на глобалните цени на нафтата и гасот. Тие, исто така, ќе им дозволеа на странските доверители на Сбербанк да си ги вратат заемите.

Исклучувањето од SWIFT е многу потапо оружје. Тоа сам по себе не ги спречува странските банки да работат со нивните руски колеги, но сериозно ја нарушува способноста на руските банки да разменуваат инструкции за плаќање со илјадници институции поврзани со SWIFT во повеќе од 200 земји. Русија до одреден степен се подготви за ова со тоа што постави свој протокол и се поврзува со Кина. Руските банки исто така ќе можат пренесуваат инструкции за плаќање преку телефон или факс, се разбира не во обем како досега.

Последиците ќе бидат жестоки и за Русија и надвор од неа. Без исклучоците што ги дозволуваат традиционалните санкции, ќе бидат нарушени, ако не и целосно стопирани, плаќањата преку санкционираните банки на сите руски доверители, вклучително и сопствениците на руски акции и обврзници.

Настрана од непосредната колатерална штета, исклучувањето на руските банки од SWIFT ризикува и долгорочни последици за меѓународните финансии. Како и со секоја мрежа (да речеме, Фејсбук), вредноста на SWIFT зависи од бројот на банки кои го користат. За таа цел, здружението се обидува да поттикне што пошироко учество преку промовирање неутралност. Само Иран, кој веќе беше финансиски изолиран, некогаш бил отсечен.

Примерот на Русија може да ги поттикне другите - како што е Кина - да се свртат кон алтернативи и да го фрагментираат платниот систем па дури и да ја поткопаат доминацијата на американскиот долар како глобална резервна валута.

Може да се замисли иднина во која ривалските нации ќе свртат слично финансиско оружје против САД.

 

 

1 март 2022 - 11:46