
Разводот меѓу Бил и Мелинда речиси инстантно ќе создаде уште една најбогата жена на светот, слично како што беше по разводот на Џеф Безос. За почеток е објавено дека на 3-ти мај на Мелинда и биле префрлени 1,8 милијарди долари.
Во објавата дека се раздвојуваат, и двајцата изјавија дека остануваат вклучени во Бил и Мелинда Гејтс фондацијата, најважната и највлијателна филантропска организација во светот, која работи со фонд од околу 50 милијарди долари.
Во разводот меѓу Џеф Безос и Мекензи Скот, имотот на парот во Амазон (16% од акциите) беше поделен 75 спрема 25 во корист на Џеф, а Мекензи остави Џеф да менаџира и со нејзиниот дел од акциите.
Во случајот со Гејтсови работата е покомплицирана бидејќи нивните 145 милијарди долари доаѓаат од вложувања во голем број компании и различни потфати, додека кај Безос парите главно беа во акции од Амазон.
Акциите што Бил Гејтс ги има во Микрософт претставуваат само 20% од неговото богатство. Каскејд инвестментс е менаџер на најголемиот дел од парите на Гејтсови, кои се инвестирани во повеќе компании, главно од Северна Америка.
Парот е и еден од најголемите земјопоседници во САД.
Гејтсови живеат во Вашингтон, и според тамошните закони сопружниците имаат право на 50-50 поделба на имотот, но не мора секогаш да биде така поделено.
Претпоставките на адвокатите се дека работата е завршена уште пред објавата на разводот, и дека податоците може и никогаш да не бидат јавно објавени.
Што се однесува на работата на фондацијата, таа и понатаму има само тројца членови на бордот: Бил, Мелинда и Ворен Бафет, што значи недоразбирањата меѓу поранешните партнери ќе бидат решавани од 90-годишниот милијардер.