Бадвајзер и Стела нови газди на Гролш и Милер

Анхаусер-Буш Инбев се согласи да плати 93 милијарди евра за купување на САБМилер, со што е создадена компанија на која отпаѓа една третина од вкупната продажба на пиво во светот.

Производителот на Бадвајзер се согласи да плати 38,6 евра по акција во готово, за мнозинскиот пакет акции на нивниот најблизок конкурент. Со ова тие станаа сопственици на брендови како Перони, Гролш и Милер, и стекнаа контрола на половина од профитот во пивската индустрија.

По години шпекулации (спојувањето за многумина беше логично затоа што двете компании речиси и да не се поклопуваат географски) договорот беше забрзан од забавувањето на растот на економиите во подем како Кина и Бразил, падот на акциите на САБМилер во претходните неколку месеци, и укинувањето на евтините кредити.

Од страна на АБ Инбев зделката е неопходна, бидејќи без неа аналитичарите предвидуваа забавување на растот на компанијата во следните 5 години.

Ова е најголемата зделка во историјата на Британија, а двете компании побараа 2-неделно продолжување на рокот за потпишување на договорот. Во случај спојувањето да не биде одобрено од регулаторите и акционерите, АБ Инбев ќе плати отштета од 2,6 милијарди евра. Седиштето на новата компанија ќе биде во Белгија.

Аналитичарите од БНП Парибас очекуваат новата компанија во 2016-та да има приход од 25 милијарди долари пред данок, камати и амортизација. Процената е дека тие ќе имаат една или две позиции во 24 од 30-те најголеми пивски пазари во светот.

Пивата на АБ Инбев / Пивата на САБМилер

13 октомври 2015 - 13:12