Алибаба на прв ден е ќар од казната од кинеските власти

Кинеската групација за е-трговија е казнета со 2,8 милијарди долари, што берзите го протолкуваа како сигнал дека владата веќе нема да ја замара најголемата кинеска компанија.

Антимонополската истрага против Алибаба заврши викендов, а на првиот работен ден од неделава акциите на компанијата пораснаа за 6,5%. Скокот следуваше откако менаџерите на Алибаба објавија дека властите повеќе немаат никаква започната истрага околу бизнисот на Алибаба. Од почетокот на истрагата вредноста на акциите на Алибаба е падната за 13%.

Казната изречена од кинеската држава е по основа монополско однесување кон продавачите што ја користат платформата и изнесува 4% од приходите на Алибаба од домашниот пазар во 2019.

Иако една од најголемите казни што до сега биле платени во Кина од приватна компанија, сепак сумата е помала од максималните 10% предвидени со кинеските закони.

Токму истрагата на кинеските власти беше причина основачот на Алибаба, Џек Ма, да го откаже излегувањето на берза на сестринската компанија Ант Груп, кое беше проценето на 37 милијарди долари.

12 април 2021 - 14:33