Пред почетокот на грејната сезона за ЕУ критично е да ги наполни испразнетите резерви на гас, бидејќи во спротивно постои многу реален ризик Унијата да остане без гас во пикот на зимската побарувачка.
Со сегашната состојба и потрошувачка, ЕУ би можела да тера најмногу до јануари.
„Дури и да се земат предвид контра мерките, може да е неизбежно воведување на одредени рестрикции,“ ја пренесува Блумберг изјавата на првиот човек за гас на консултантската компанија ВудМак, Масимо Ди Одоардо.
Неделава Газпром ги намали испораките кон Италија, Германија, Франција и Австрија по основа дека има проблем со поправката на турбините произведени од Сименс.
Доколку ваквото кратење продолжи на подолг рок, тогаш тоа веројатно ќе го поремети планот за полнење на европските залихи со природен гас, кои до 1 ноември требаа да бидат полни минимум 80%.
Целосно запирање на Северен тек 1, би ги оставило европските залихи на 59% исполнетост до 1 ноември, а ако гасоводот продолжи да работи со 40% капацитет тогаш залихите би достигнале до 67%.
На почетокот од војната во Украина, Германија одлучи целосно да ја прекине постапката за давање дозвола за почеток на работа на гасоводот Северен тек 2, кој повеќекратно требаше да ја зголеми испораката до Европа.