Во 2019 вкупната тежина на сите банкноти од 100 долари на територијата на Русија е над 300.000 килограми, или околу 31,5 милијарди долари.
„Наместо да инвестираат во пензиски фонд, просечните а и богатите Руси ги заштитуваат своите заштеди со менување на рубљите во долари кои потоа ги штекаат по дома.
Нестабилноста на рубљата и стабилноста на доларот ја прави американската валута претпочитаниот механизам за штедење. Со години банкнотата што Русите ја преферираат е онаа од 100 долари,“ пишува Маркос Куналакис во текстот за Вол Стрит журнал.
Куналакис потсетува дека пред повеќе од 25 години, во 1996, една од најголемите транзициски паники што се случува во Русија е кога Вашингтон решава да ја редизајнира и замени постојната банкнота од 100 долари бидејќи е лесна за фалсификување. Во тоа време Русите поседуваат повеќе американски долари од која било друга странска валута, а 80% од тие банкноти се во апоен од 100 долари.
„Па, иако санкциите не успеаа да го разубедат Путин, делумно затоа што имаат премалку влијание на добробитта на најголемиот дел од Русите, рапидното укинување на 100-ката би можела да предизвика вистински домашен бунт против војната во Украина.
Во сегашната руска банкарска средина не би имало лесен начин да се конвертираат овие укинати банкноти во други валути.
Руската заштеда ќе биде сведена на хартија.
Тогаш ќе биде невозможно да се скријат последиците што војната на Путин ги има врз неговата база.
Претседателот Бајден треба да објави дека банкнотата од 100 долари е укината заради војната на рускиот лидер во Украина и насилствата врз цивилите,“ пишува Куналакис.
Речиси 80% од сите 100-ки што постојат се наоѓаат вон САД, најчесто во рацете на многу сомнителни ликови, што е уште еден аргумент за нивно укинување. ЕУ ова го направи со банкнотата од 500 евра, а и САД истото го има направено во 1969 со укинување на банкнотите од 500, 1.000 и 5.000 долари.
„Дури и само отворање на дебата за елиминирање на 100-ките ќе ги предизвика вознемирување од Русија до Иран и Венецуела. Сето ова ќе направи многу повеќе штета за политичкиот статус-кво на Путин отколку бројните санкции,“ порачува Куналакис.