3 милијарди пратки ќе бидат испорачани низ Кина по „Алиекспрес денот“

Иако западните медиуми и аналитичари се сомничави што Алибаба секоја година поставува блесави рекорди од продажбата на Денот на самците, сепак и тие признаваат дека неверојатниот обем на работа на најразличните кинески фирми за испорака е неспорно реален и видлив.

„Почнувајќи во втората седмица на ноември забележав како пратките почнаа да се трупаат кај мене пред зграда во Шензен, чекајќи ја крајната испорака. Куририте само влегуваа и излетуваа од лифтови, носејќи ги пратките кај муштериите кои купувале на попуст или биле прелажани од комплицираните формули за продажба мислејќи дека добиваат одлична зделка,“ пишува Рита Лиао во текстот за Течкранч.

Процената е дека за годинешниот Ден на самците Алибаба и ЈД ќе испорачаат 2,97 милијарди пакети. Ова е 28% повеќе отколку минатата година, и два пати повеќе од нормалниот дневен обем на работа.

Ова значи дека секој еден жител на Кина во просек ќе добие повеќе од две пратки, кои пак ќе дојдат и со соодветен отпад од картонски кутии, заштитни најлони и се останато што е потребно за пакувањето.

За разлика од остатокот од светот, Кина е прилично стабилна во контрола на ковид-19, па во период од неколку месеци има само неколку случаи на локално пренесување на вирусот. Како резултат на ова пандемијата има ограничено влијание на брзината со која ќе се испорачаат пратките.

Како дел од мерките за справување со ковид-19, ЈД на пример тврди дека постојано ги дезинфицира станиците за испорака и камионите, и бара од своите вработени да носат маски и секојдневно да мерат температура, практики кои сега се стандардни во логистичкиот сектор во Кина.

Алибаба објави дека за годинешниот 11.11 направиле промет од околу 75 милијарди долари.

12 ноември 2020 - 17:05