За жал, на оваа земја не ѝ се пишува добро. Знам дека и порано сум го викал тоа и сум добивал шамари за истото, но јас тоа навистина го мислам. Не затоа што тоа го сакам, јас оваа земја бескрајно ја сакам, можете да го видите тоа по она „кај ќе ме оставиш, таму ќе ме најдеш“, никаде не сум побегнал ниту мислам да бегам. Ама луѓето кои нè водат немаат никаква визија. Мене лилно тоа не ми е никаков проблем, јас за нив не сум гласал, но ќе ќја почитувам легалноста на нивниот избор. Легтитимност дека имаат, баш и не знам. Ама тие ќе морааат да направат програма, визија и да ни кажат: „Слушајте, наредните 5 години ќе мора малку потешко да се живее, но некаде ќе тргнеме“
Здравко Гребо за Аваз, 2015
*****
Бевме заедно во Инивијативата за РЕКОМ, а во една прилика заедно го посетивме претседателот Иванов (кој исто така го знаеше лично, по професорска линија). После официјалната средба, на која присуствуваше и Наташа Кандиќ, седнавме на ручек. Падна збор за меѓуетничкиот конфликт во Македонија, и додека Наташа се обидуваше да ги „разбере“ оние кои фатија калашњикови против Славомакедонците, тој ја „зашамара“ така прописно - што таа остана без збор! Едноставно, не можеше да легитимира насилство, дури и во „име на човековите права“. Ме спаси од потребата јас да ја смирам, а бев домаќинка. Дури и раскажа еден политички некоректен виц од бившата држава: се жалеле Албанците дека химната Хеј Словени не можат да ја прифатат како своја (бидејќи, нели, се пее за Словени), а другиве им одговараат: Е, како нема, а стихот „проклет био издајица своје домовине“? Јас и мојот соработник прво останавме забезекнати (од Здравко не го очекувавме тоа), потоа прснавме од смеа. Паметам дека на трибината за конфликтот од 2001 и помирувањето, тој кажа многу важни и длабоки нешта, меѓу кои за мирот се' уште има шанси додека жртвите се именуваат; во моментот кога стануваат бројки, готово е - тие се дехуманизираат, стануваат проста статистика, не побудуваат ни емпатија ни каење... Нам токму тоа ни се случува - си ги заборавивме и жртвите заради „општество за сите“.
Помислата на Здравко кој беше меѓу најдобрите од таа генерација, тешката смрт, и веста која сме стаса среде еден наш хаос ме соочи со прашањето: ДАЛИ ВРЕДИ? ДАЛИ ВРЕДИ да си го жртвуваш животот за општо добро, од битка во битка, а сепак зад себе да оставиш пустош? Не знам. Само знам дека стареам, а памет не ми доаѓа: уште гинам за се' друго и за сите други, освен за себе.
Билјана Ванковска
*****