Конференцијата за Кипар заврши истиот ден кога почна - барем во однос на дипломатското ниво на кое започна - заради скандалозното однесување на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
Медиуми од грчиот Кипар пренесуваат дека Коѕијас „навредувал“, „држел лекции“ и „провоцирал“ многумина присутни на конференцијата, меѓу кои и самиот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш кој бил толку иритиран што одбил повторно да биде во иста просторија со напнатиот „дипломат".
Работата отишла дотаму што и Ангела Меркел морала да му се јави на Ципрас за да му каже дека има проблем со својот претставник на средбата па премиерот ќе мора во блиска иднина сам да ги пегла расипаните односи.
Решавањето на долготрајните меѓународни проблеми како што е Кипар некогаш личи на третирање кашлица. Прво треба да се омекне и разводни наталожениот секрет за (ако се успее во тоа) тој подоцна да се исфрли. Така била и замислена оваа конференција, како средба на која ќе се формираат низа работни групи кои во иднина би работеле на конкретни аспекти на односите. Целта иста како и кај кашлицата: експертски да се „раствори“ проблемот кој е полн со емоции за да се постигне она што на диппломатски и НВО речник се вика „рифрејминг на дебатата“.
За таа цел била довлечкана сериозна експертска логистика: Британците,на пример, дошле со екипа од 35-40 експерти за разни области а огромни биле и делегациите на страните во спорот.
Но веќе на првата пауза за ручек Коѕијас почнал да напнува; дрско ги прекинувал другите, им упаѓал во збор и директно го подучувал Гутереш дека не е медијатор, дека Кипар не е селски спор и дека тој само треба да ги спроведе меѓународните одлуки по кои поделеноста на островот е дело на инвазија и окупација (на меѓународните правни одлуки во врска со Македонија слабо му текнува).
Подоцна сите присутни изразиле спремност работните групи веднаш да бидат формирани. Освен Грците. Коѕијас тврдел дека не се подготвени и барале одложување од 10 дена. Гутереш потсетил дека тоа не е можно и заради тоа што на 23 јануари има закажано конференција за Сирија.
На попладневната дискусија Коѕијас повторно влегол во елемент и успеал да запали бааги дипломатски мостови со своите прекинувања, навреди и попувања убедувајќи ги другите дека чувствува тешка анти-грча атмосфера. Извори од средбите велат дека од неговото однесување биле стаписани и членовите на грчката делегација а Коѕијас успеал против себе да ги навлече сите други присутни.
Работните групи ќе се формираат на 18 јануари а на следната средба на политичко ниво ќе мора да дојде самиот Ципрас во обид да ја поправи штетата направена од неговиот терсене министер.