Украинските бегалци масовно ја напуштаат Бугарија и се враќаат во Украина, велат информациите од бугарската гранична полиција и организацијата на доброволците кои им помага на овие луѓе побегнати од војната.
Меѓу другото, си одат и заради нејаснотиите што ќе стане со нив после први јуни, кога треба да ги напуштат хотелите и другите објекти во кои се привремено сместени.
„Продолжува тенденцијата од Бугарија да заминуваат повеќе Украинци отколку што влегуваат, “ изјави портпаролката на граничната полиција, Лора Љубенова.
Само за едно деноноќие и само на пунктот Дуранкулак, новинарите на бугарски Офф.њуз преброиле 27 преполни автобуси со украински регистрации кои преминале во Романиja. Во истиот период, во Бугарија влегле само седум автобуси со украински бегалци, повеќето од нив со по 10-15 луѓе.
За друг ден податоци велат дека влегле 2.165 украински бегалци а Бугарија ја напуштиле 3.563.
Ако од почетокот на војната, во Бугарија имаат дојдено 284.329 граѓани на Украина а денес ги има под 95.000, тоа значи дека вкупно 190.000 Украинци решиле да дигнат сидро од Бугарија.
По хотели во Бугарија, на кои државата им плаќа по 40 лева за примен бегалец, биле сместени околу 59.00 лица но некои им барале на луѓето да доплатат уште по 15 лева.
Државата праќала анкетари за да имаат увид во положбата на тие луѓе, проблем бил само што анкетарите не знаеле ни руски ни украински.
„Не очекувавме толку многу русофили и толкава омраза и завист од локалното население“, напишала на својот Фејсбук профил Украинката Розалија Георгиева, со слика од автобуси со бегалци кои ја напуштаат Бугарија. „Со својата недовршена програма, властите ги натераа луѓето да се враќаат во своите домови иако таму има војна, а дури и во помирните области нема гаранција за безбедност. Срамота за властите“.