По затворањето на изборите, сред забавата на која на гитара засвири песни од Пинк Флојд и ЕКВ, Саша Радуловиќ енергично им се обрати на симпатизерите на своето движење: "Ако го видовте излагањето на Александар Вучиќ, гледате дека нешто е кисел, дека нешто не штима и дека се обидуваат да не ги објават резултатите до крај. Ова е под секое ниво и треба да се срамат."
По ова тој се организира со претставниците на преостанатите партии кои се околу цензусот од 5% и се упатува кон Републичката изборна комисија, во која до 5 часот наутро го надгледува пребројувањето на гласовите.
Хрватски Тпортал ја пренесува приказната за Радуловиќ:
51-годишниот Радуловиќ, родум од Бихаќ, го минува патот од дипломиран електротехничар на сараевскиот универзитет, преку вработен во неколку угледни светски високотехнолошки компании кои се дел од бумот во Силициумската долина, до нова и неизвалкана српска политичка фигура на која и предвидуваат светла иднина. Бизнис кариерата ја започнува во одделот за нуклеарни истражувања во Сименс, од каде се сели на американскиот континент и зазема менаџерски позиции во софтверски компании како Алијанс, Тру Спектар и Итерпа Медикал Нетворк. Во 2005-та се враќа во Србија, како што сам објаснува "на една година за децата да не го заборават јазикот," но останува тука работејќи како лиценциран стечаен управник, консултант на финансиското обвинителство, Советот на Европа и американската амбасада.
2013-та година по смената на Динкиќ, на предлог на Александар Вучиќ и неговата СНС, Радуловиќ е именуван за министер за стопанство во владата на Ивица Дачиќ, како непартиска личност. Во владата влегува накитен со медиумски хвалоспеви за неговата стручност во пар со уште еден повратник од американскиот континент, финансискиот консултант од Меккинзи, младиот Лазар Крстиќ, кој станува министер за финансии. Дуото многу брзо и го претставува на јавноста своето гледиште за неопходните кратења во економско-финансискиот сектор, кое кај популистички ориентираната двојка Вучиќ-Дачиќ не наидува на добар прием, заради што Радуловиќ експресно ја напушта владата, а нешто подоцна Вучиќ успева да го истурка и Крстиќ.
Во следните неколку месеци Радуловиќ се профилира како аргументиран критичар на власта и партикратскиот систем, а веќе за парламентарните избори 2014-та успева да состави листа кандидати со едноставно име Доста беше, со која освојува дури 2,5% од гласовите, што е неверојатно имајќи предвид дека движењето е составено на само два, три месеци пред изборите. Власта пробува да го дискредитира со сите можни средства, од нагласување на неговата кариера како стечаен управник низ таблоидите и прозивање дека "им го уништил животот на работниците," до прозивање за неолиберална идеологија. Меѓутоа околностите во српскиот политички живот му одат во корист: Вучиќ го зацврстува автократскиот тип на владеење, а граѓанската опција се распаѓа на повеќе фракции, од кои на секоја природно и се одливаат по малку гласови кон новата, порастоварена опција.
Имајќи го ова предвид, со актуелната кампања Радуловиќ успева да ја засили регионалната организација и со освојување на 16 места во српскиот парламент остварува исклучителен успех, дополнително засилен со одлични резултати во некои локални средини. На пример, движењето Доста беше влегува во парламентот на Војводина, а на локалните избори во Нови Сад е на второ место освојувајќи дури 20% од гласовите, додека во некои белградски општини процентот е уште подобар, заради што без поддршка од оваа опција на споменатите нивоа никој нема да може да формира власт.
Посебно фасцинантно е дека меѓу традиционално конзервативното српско гласачко тело Радуловиќ овој успех го постигнува без користење класични канали на комуникација - ТВ огласување, плакати, билборди - туку со кампања фокусирана на интернет и социјални мрежи. Заради тоа еден ден по изборите голем дел од граѓанско-либералната јавност му оддава признание за будење на пасивните и разочараните гласачи, и давање надеж дека во Србија постои некој што еден ден ќе успее ако не да му се спротивстави, тогаш барем да му го згорчи животот на Александар Вучиќ. Па макар и некои да го нарекуваат водечкиот српски хипстер.
Од двајцата со гитара Радуловиќ е тој лево, во сако: