Кога Информбирото ќе стивне

Неколку децении наназад се распаѓа озлогласениот Голи Оток, местото во кое окапуваа некогашните непријатели на народот и на комунистичката власт. Младата општина Лопар сега сака да му го врати "сјајот" во туристички цели: ќе нуди преспивање во затворот и врвно еколошко јагне.

Општината која е формирана пред само 6 години најавува дека од надлежните хрватски институции ќе побара да ѝ се даде на управување комплексот на островот од кој во 1992 година се откажа тогашната општина Раб.

Оттогаш Голи Оток е целосно препуштен на забот на времето и вандалите кои го посетуваат. Во слична состојба е и островот Свети Гргур кој од 1948-ма до 1988-ма беше казнено-поправен дом за жени.

Лопар сака да постави пристојно спомен обележје на жртвите на оваа озлогласена институција и да реновира дел од главниот комплекс. Главните приходи ги очекуваат од туристички посети но ќе нудат и преспивање во затворот и планираат да го ревитализира одгледувањето јагниња кои се познати како едни од највкусните специјалитети, токму заради нивното растење во суровите услови на островот.

Идејата на општината е слична на Ѓаволскиот остров кој се наоѓа пред бреговите на Француската Гвајана. До 1946-та тоа беше казнена колонија на противниците на француската власт а денес е атрактивна туристичка дестинација со хотелски комплекс. Друг пример за пренаменување на една национална траума во вносен бизнис е унгарскиот Музеј на теророт, посветен на сите оние кои страдале или биле измачувани од фашистичките и комунистичките режими во земјата.

23 август 2012 - 18:04