Групата Зелено-црни командоси на 19-ти декември на анархистичкиот блог Индимедиа објавија соопштение и фотографии од својата акција. Тие тврдат дека во некои од најкупуваните прехранбени производи од супермаркетите во Атина и Солун, вбризгале сулфурна киселина и истите планираат незабележано да ги вратат на полиците од супермаркетите во периодот од 20-ти до 24-ти декември, периодот кога Грците го славата православниот Божиќ.
Од „практични причини“ групата ги идентификува и производите во кои додава отров: Кока-кола и Кока-кола лајт од 1,5 литар, салама Ифантис од 350 и 500 грама, и млеко Делта од 3,2% масленост.
„Деновиве илјадници и илјадници христијани ќе станат од своите каучи за да отидат во неопходниот шопинг за нивните Божиќни трпези, за да ги исполнат нивните празни животи со ѓубре за јадење покриено во убаво и светкаво пакување. Жртвите на оваа гозба се милиони живи суштества кои се заклани за да стигнат на трпезите на живите, исцедени до последната капка крв за да го задоволат нивниот вкус,“ порачуваат анархистите во своето соопштение.
Киселината што ја имаат избрано е крајно корозивна, и уште при самото внесување може да предизвика сериозна болка во грлото, шок и повраќање крв.
Загадувањето на храната во политички и економски цели, е посебно популарно во 70-те и 80-те години од минатиот век. Во 1978, групата наречена Арапска револуционерна армија вбризгува жива во портокалите увезени од Израел. Во 1984, религиозен култ во намера да ги попречи локалните избори во САД, ги загадува пултовите со салати во американските ресторани со салмонела. Во 1989, чилеанско грозје е загадено со цијанид, што доведува до банкрот на над 100 чилеански лозари. Ова е прва ваква акција во Грција.