
„Авантурата е речиси готова“, изјави неодамна грчкиот премиер Алексис Ципрас во пресрет на последната посета на функционери на ЕУ задолжени за надгледување на „програмот за спасување“. Ваквите посети, кои долго време беа тензични и искричави, денес добиваат свечена нота бидејќи страните оценуваат дека се дошло во фаза на “привршување на програмот“.
Европската унија денес е уверена дека Грција веќе навикнала на финансиска дисциплина што ќе ѝ овозможи во наредниот период повторно да се задолжува на меѓународните финансиски пазари.
А грчката влада прописно се потруди во тоа да ја увери, на пример, со минатонеделниот предлог буџет со кој Владата се обврза на штедење поголемо и од она кое кредиторите го бараа
Билансот на актуелната влада на Сириза, граѓаните сепак поинаку го чувствуваат. Во изминатите четири години тамошната левица успешно ги скрати просечните приходи на едно грчко домаќинство за третина. Неопходно, за да се врати долгот на земјата, уверуваа експертите.
„Еден мандат подоцна, 33% посиромашните Грци изненадено ја дочекуваат информацијата дека во наведениот период долгот всушност се зголемил. Грција одеднаш по критериумите на кредиторите стана успешна, бидејќи нејзините граѓани драматично осиромашија“, пишува регионалниот портал Билтен.
А спомнатата авантура за која говореше Ципрас, уредникот на Катимерини вака ја објаснува:
„Ципрас беше избран бидејќи Грците искрено веруваа дека тој може да ги предомисли кредиторите...Никој друг освен оваа влада не можеше да крати пензии и плати без значајни протести....Идеолошките илузии сега се разбиени и патот е расчистен за идните влади кои ќе управуваат со земјата....Ако сакаме да ја поттикнеме економијата и да ја забрзаме приватизацијата, веќе не ни треба револуционер на чело“, пишува Алексис Папахелас.
Со други зборови, Сириза не само што успешно ги спаси профитите на западниот капитал туку и ја истроши надежта на населението дека може да се создаде систем кој ќе им биде во корист на луѓето а не на капиталот.
„Благодарејќи на Ципрас, Грците станаа позрели и ќе бидат многу поскептични кон следниот политичар кој ќе ги повикува на протести“, пишува Папахелас.