Битка за парите: медиуми vs. Гугл

Во два одвоени настани, бразилските и француските медиуми ја спукаа со Гугл заради тоа што компанијата директно профитира од тоа што ги објавува нивните содржини на агрегаторот за вести Google News.

Весниците на кои отпаѓа 90% од вкупниот тираж во Бразил, здружено го напуштија агрегаторот на Гугл. Националната Асоцијација на дневни весници, објави дека 154 нејзини членови ја прифатиле препораката да му забранат на агрегаторот на вести да ги превзема нивните содржини.

Весниците тврдат дека Гугл Њуз одбива да плати за содржините, додека истовремено им го превзема сообраќајот од нивните сајтови.

"Останувањето на Гугл Њуз не ни помага во растот на дигиталната публика, туку има спротивен ефект. Пренесувајќи им ги првите неколку редови од нашите стории на интернет корисниците, сервисот ги намалува шансите дека посетителите ќе ја прочитаат целата сторија на оригиналната страна," објаснил претседателот на организацијата, Карлос Фернандо Линденберг Нето.

Од Гугл објаснуваат дека нивниот сервис им носи милијарди кликови на информативните сајтови низ целиот свет.

Агрегаторот и Франција

Во исто време во Франција, Гугл е тој што се заканува дека ќе ги избрише сајтовите од своите резултати, доколку владата го прифати предлог законот кој би ги присилил пребарувачите да плаќаат за пренесување на содржината.

Француските медиуми веќе подолго време лобираат за носење на овој закон, истакнувајќи дека агрегаторот на вести на Гугл, ги собира нивните приходи, бидејќи ја користи посетеноста стекната преку содржини кои на ниту еден начин не ги создал за да продава реклами (банери) на интернет.

22 октомври 2012 - 13:35