Претседателот на Светскиот сојуз на Албанците, Симон Кужини, кој ја покрена оваа иницијатива објаснува дека намерата е да се соберат 3 до 4 милиони потписи против крвната одмазда, што ќе биде своевидно референдумско изјаснување на албанските општества против овој анахрон начин на подмирување на правдата.
Доколку се соберат потребните потписи, ќе бараат од министерствата за правда во Албанија и Косово драстично да го заострат законот кој ја санкционира одмаздата.
Не сите се убедени дека на овој начин може да се реши вековниот проблем бидејќи драконско законско решение би можело да дојде во конфликт со нормите на Европската Унија кон која тежнеат Албанија и Косово.
Социологот Исмаил Хасани потсетува дека во 90-тите години се случи релативно успешно помирување на закрвени албански семејства но тогаш тие спроти себе го имаа Милошевиќ како кохезион фактор.
Според него, постојат три ефикасни орудија против крвната одмазда: образование, образование и образование.
Според канонот на Лека Дукаѓини, кој своевремено претставувал напреден кодекс за регулирање на племенскиот мир и рамнотежа, ако маж од едно семејство убиен маж од друго семејство, семејството на жртвата мора да одговори реципрочно. Но, тоа не смее да го направи во нивниот дом бидејќи носи срам.