Путер пита

По рецептот на мајка ми!

Потребни состојки:

  • 15-16 кори
  • спанаќ 200 г
  • сирење 300 г
  • брашно 300 г
  • квасец 1
  • кисела вода 300 мл
  • зејтин 100 мл
  • млеко 200 мл
  • јајца 2
  • шеќер 1 лажичка
  • сол 2 лажички
  • путер 120 г

Домашна пита! Колку тоа убаво звучи! Тукушто испечена, врела и со неодолив мирис!

Признавам, крива сум. Во последниве две недели накај три, добив многу коментари од луѓе што не ги познавам дека сум им фалела со рецепти. Не сакам тоа да се повтори и ќе се потрудам да не биде така. Вчера имав слободен ден и решив да ги засукам ракавите и да направам нешто што одговара на ова ладно време. Ги слушам луѓево од страна како си коментираат за каде и што би правеле на вакво време. Некои сакаат да одат на планина на чист воздух, некои на скијање, други на одмор во село во куќа со камин, трети да останат дома да гледаат филмови и да не излезат. Јас искрено се пронаоѓам во сите приказни, но во секоја приказна има еден дел што им одговара на сите, а тоа е домашна врела пита. Бидејќи долго време не сум јадела, одма ѝ се јавив на мајка ми (мастер за рецепти).

- Лено, дај ми го рецептот за питата!

- Кој, имам повеќе? Еј за погачата еве ти го, запиши..

- Значи во маркет сум веќе, кажи што ми треба за питата што ја правиш во Галичник!

- Добро, ама погачава е многу убава и лесна, значи ти треба брашно...

- Ќе ме умреш жено, питата!

Ми ги даде што ми ги даде сите намирници и нормално бидејќи не запишав, се симнав до продавница уште двапати. Многу сакам кога заборавам нешто да купам, а уште повеќе тоа кога ќе се случи двапати по ред.

Како и да е, питата се свитка и излезе феноменално!

Чекори за подготовка:

  1. Направете ја смесата за полнење. Исецкајте го спанаќот (јас купив бејби спанаќ, оние од ќесичка, пошто кој ќе чисти), ставете го во сад, издробете го сирењето и со раце изгмечете ја смесата.

  2. Во длабок сад ставете ги сите останати работи освен путерот. Значи, кисела вода, брашно, јајца, млеко (млако), квасец (раздробен), зејтин, сол и шеќер. Со рачна маталка убаво изматете и треба да добиете смеса малце погуста од таа за палачинки.

  3. Земете една кора и на неа нанесете две лажици од оние големине што одат во комплет со кутлача и таа со дупчиња. Размачкајте ја кората со прсти насекаде, најбитно на краевите.

  4. Фатете го долниот дел од кората и превиткајте до пола. Работ на кората да биде на средина. Врз тој дел расфрлете од филот.

  5. Од доле па нагоре почнете да ролате.

  6. Направете полжавче.

  7. И ставете ја во тава што претходно ќе ја намачкате со путер.

  8. Истата постапка продолжете ја со останатите кори. Наредете ги една до друга и премачкајте ги убаво со пола од путерот (претходно стопен), другата половина по печењето.

  9. Печете на 200 степени околу 30 минути. Ќе процените сами дали им треба 5 помалку или повеќе минути. Сè зависи од вашите рерни. Битно треба да се златна боја. Откако се готови, домачкајте го путерот за да светнат и внимавајте да не го изгорите јазикот!

Хинт:

Филот може да биде каков што вие сакате. Само сирење, месо, праз... Изборот е ваш!
13 декември 2016 - 12:05