Ако не можеш да ги спасиш, шиткај им опрема

Затоа што статусот на кој било обид за ограничување на правото на поседување оружје во САД е безнадежен, дел од училиштата во обидите да спречат училишни масакри тргнаа по друг пат: опремување со најразлична анти-масакр опрема, и тоа повторно потпомогнати од лобито на индустријата за оружје.

Она што почнува со местимични и евтини договори за одржување на „вежби за активен стрелец“, по масакрот во Паркленд еволуира во предлози со дијапазон од глупи, најмување на тешко вооружени платеници за заштита на училиштата, до преглупи - вооружување на сите учители.

Помеѓу ова има цела лепеза на достапни решенија како врати отпорни на куршуми, ковчези отпорни на куршуми во кои децата би можеле да се сокријат или преносни димни топови кои инстантно би ги преполниле ходниците со чад.

„И ова е злобно брилијантен потег: со создавање решение кое се смета за луксузна набавка, лобито на индустријата за оружје создаде самодвижечка машинерија за лобирање која ги ’обработува’ училиштата во Америка - преваранти кои ќе пренасочат дел од својот профит за да извршат притисок врз властите да одвојат уште пари од образованието во оружје и заштита од него, со тоа генерирајќи нови профити а од таму и нови долари за лобирање,“ се објаснува во текстот на Боингбоинг.

Без да се навлегува колку конспиративно ова ви звучи, во САД веќе во оптек се производи како “SwiftShield” кој се става околу кваката од врата на училницата што го спречува напаѓачот да влезе во неа. Ова решение се продава за 139,99 долари од врата (во основа е парче извиткан челик). Компанијата што го продава ова, инаку основана 2 месеца по масакрот во Паркленд и веќе спонзорира конференции за училишна безбедност. Притоа, ова решение е едно од поевтините на пазарот во споредба со најразличните системи за блокирање врати или нешто од погоре споменатиот каталог на производи.

11 октомври 2018 - 11:00