Можеби некој ја памети како единствената Македонка која имаше привилегија да биде дел од организацијата на РИО 2016, еден од неколкуте нејзини големи спортски настани на кои во CV-то следната година ќе го додаде и Токио 2020.
Ќе споменеме еден голем меѓународен настан одржан и во Скопје, за кој како домаќини добивме многу пофалби околу организацијата, а тоа е Супер Купот 2017 меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Нада беше дел и од таа историска приказна за Македонија, во улога на заменик менаџер на волонтери. Смета дека тој настан го изменил односот кон волонтирањето во спортот кај нас, за што ќе наброи еден куп привилегии кои ги добиваат волонтерите.
И таа некогаш волонтирала, но од неодамна почна да едуцира во нејзината консултантска фирма со седиште во Келн која се занимава со менаџирање на волонтерството во спортот.
И покрај тоа што работи самостојно и патува на големи спортски настапи, истовремено наоѓа време да се надградува на магистерски студии во уште два града. Едните на спортскиот универзитет Келн, отсек Олимписки студии (Олимписка наука), каде главен научен истражувачки интерес и е во областа на олимпиското волонтерство, а другите во Скопје на ДИФ по спортски менаџмент.
Што се нуди во Sport volunteering management?
Нудиме 3 видови на т.н. консултантски услуги:
А) Оперативен менаџмент кој всушност подразбира менаџмент на волонтери на спортски настани од секаков размер. За да може да го разбереме значењето на оперативниот менаџмент на волонтери на еден спортски настан битно е да истакнеме дека е составен од осум главни фази во процесот на менаџирање: Планирање, регрутација на волонтери, скрининг и селекција на волонтерите, систем на тренинзи на волонтерите, перформанс менаџмент, оценување на нивната работа и градење наследство на волонтери.
На пример во четвриот и петтиот дел волонтерите се запознаваат со вредностите, целите и мотивите на спортскиот настан, на целата филозофија на организаторот кон настанот кои се многу битни за правилно извршување, но и претставување на настанот. Еден од најбитните аспекти е техничката обука за позициите на кои се поставени. Од тоа како да ја извршуваат својата задача на најдобар можен начин, што се очекува од нив, како да реагираат во одредени кризни ситуации како и во комуникацијата со останатите инволвирани страни (гледачи, навивачи, вработени, новинари, медицински лица, технички персонал, обезбедување, спортисти и секој инволвиран.
Б) Едукација е втората консултантска услуга која подразбира организација и учество на семинари, конференции, вебинар каде зборуваме и презентираме разни научни истражувања и најнови достигнувања од областа на менаџментот на волонтерите во спортот.
Ц) Консалтинг е третата услуга која подразбира развој на волонтерски стратегии, прирачници за волонтери во спортот без оглед дали зборуваме за волонтирање на спортски настан или како дел од спортски клуб.
Кој сè е биде вклучен во фирмата и како ќе функционирате?
Кога ја добив идејата за создавање на консалтинг од овој тип, нескромно ќе кажам, меѓу единствените на глобалниот маркет, моја главна цел беше да понудиме една поинаква перспектива на волонтаризмот во спортот каде од двата аспекта научен и оперативен во една симбиоза, ќе го создадат најдобриот рецепт за професионален пристап кон волонтерството и ќе го подигнат на повисоко, посериозно ниво.
Јас сум сопственик и главен оперативен менаџер каде заедно со мојот тим на одлични експерти од разни области се трудиме секој ден да не заборавиме дека ја живееме оваа убава наша реалност и создаваме нешто уникатно, вредно. Од професор по спортски менаџмент на универзитет во Велика Британија, проф.д-р. Ники Коутроу чија експертиза е менаџмент на волонтери во спортот. Има безброј искуства на Олимпијади почнувајќи од Атина 2004 заклучно со Токио 2020 и е одговорен лидер во истражување на проектот за евалуација на волонтерско наследство на ОИ 2004. Потоа експерти во областа на олимписката едукација, до маркетинг експерт и бренд менаџмент, сите заедно ја создаваме оваа приказна.
Секој од нив има свој значаен дел без кои овој убав сон некогаш, денес реалност, не би се остварил. Јас лично им благодарам на сите до еден и им ветувам се само не обично искуство. За успех е потребен тим, јас сум тимски играч и сум сигурна дека го најдовме заедно рецептот за нешто вредно, квалитетно и различно на светскиот маркет во спортската индустрија поточно во менаџментот на волонтери.
Имаме клиент од ЕУ за кого работиме на создавање на прирачник за волонтери на меѓународни спортски настапи, наменет од Ерасмус Плус програмата на ЕУ и два пилот проект со клиенти од Азија, каде работиме на промоција на менаџментот на волонтери во спортот и инклузија на лица со инвалидитет во општеството преку волонтирање во спортот.
Многу е битно да разјаснам бидејќи многумина не мешаат посебно на нашето поднебје, дека ние не сме ниту невладина организација, клуб или асоцијација, туку сме консалтинг фирма, и функционираме како и секоја друга консалтинг фирма во друга индустрија која всушност обезбедува и нуди професионални, стручни совети од експерти во областа на волонтерскиот менаџмент во спортот. Значи ние не создаваме наша база на волонтери каде би можеле да се пријават и евентуално да земат учество во некој следен наш проект, туку нашите консултантски услуги се насочени кон сите оние кои работат во спортот од организациски или едукативен аспект. Но секако, доколку некој има сериозен интерес и од нашата земја да волонтира на меѓународен спортски настан, може слободно да ни пише мејл и тука сме да помогнеме и насочиме.
Колку е развиен спортскиот менаџмент во Македонија?
Спортот е слика на организација на една држава, на поставеноста на целокупниот спортски систем, неговата (не)функционалност како и слика на карактеристиките на еден народ, неговите навики и едно општество во целина. Спортски менаџмент е организација на еден целосен систем на функционирање на спортот или вид бизнис насочен кон спорт од секаков ранг (аматерски, професионален, младински категории). Проблемот околу организациската поставеност на овој систем го гледам од повеќе аспекти. Ние сме земја, спортска нација на која спортскиот успех не и е непознат. И додека во професионалниот спорт успеавме да се искачиме и на врвот на Европа, во едукативниот дел некако сè уште стоиме на истото ниво со години.
Односно имаме нови генерации на колеги, дипломирани во својата бранша, но имаме голем недостаток во однос на практичниот дел. Немаме систем на едукација кој уште на додипломски студии ќе им овозможи практично знаење и искуство на колегите. Спортот е наука која бара своја пракса и практично знаење надвор од школските клупи кои впрочем е голем проблем или минус на нашиот генерален школски систем кој освен во одредени технички науки, во останатите повеќе е насочен кон науката, но многу малку кон праксата. Потоа исто така недостасуваат усовршувања кои ќе овозможат чекор со новитетите во спортскиот менаџмент. Тој е еден комплексен систем составен од повеќе меѓусебно зависни алки, каде човекот е најголемата. Затоа негово соодветно практично знаење и искуство е многу битно.
Потоа кога зборуваме за спортски менаџмент не смееме на раководни позиции да си дозволиме вработувања на основа на минати спортски резултати и популарност или пак награда за одредени ангажмани. Зашто ова се раководни позиции кои навистина повлекуваат и опсежна едукација и знаење од областа на финансиите, економијата, лидерството итн. А секој еден носител на раководна функција треба да биде пример на своите вработени, па замислете со каква ситуација се судруваме. Спортот е една од најголемите индустрии во светот и важат истите правила на игра како и во секој друг бизнис доколку зборуваме за професионалниот спорт. Кога на овој начин се поставуваат работите и начинот на функционирање, резултати не може да барате, ниту ќе има. Секако дека не генерализирам, имаме професионалци и федерации иако премалку на број кои навистина знаат како да ги постават работите и во рамките на своите можности се обидуваат да овозможат спортски резултати.
Иднината на македонскиот спорт ја гледам пред се во изработка на национална стратегија и сериозна финансиска поддршка од држава каде пред се спортот ќе го водат едуцирани луѓе секој во својот домен наместо да го гледаме како можност за пополнување работни места по разно разни (не)критериуми. Во моментов спортот во Македонија е на ниво на кое никогаш не бил, освен во еден до два спортови, во останатите заостануваме далеку зад нашите околни земји во секој аспект и ако сакаме да очекуваме солидни резултати за едно 5-10 години и минимум 2-3 олимписки циклуси, тогаш треба веднаш да се започне со сериозен целосен рестарт. Во спортот, плодовите ги сеете сега, а ги жнеете после најмалку 5 години постојана работа во систем по план и програма, целосна посветеност и најбитното во тимови создадени од професионалци.
Има ли нашата младина култура за волонтирање на спортски настапи и кои се вашите искуства во Македонија?
Културата на волонтирање се создава со тек на време и зависи од многу географски, историски, економски услови. Во Македонија преовладува економскиот фактор кој до сега преставуваше и преставува голем проблем. Зошто велам до сега? Сведоци сме на организација на се поголем број спортски настани од секаков ранг кои секако допринесуваат за создавање и ширење на интересот за волонтирање во спортот. Бидејќи овие настани се од епизоден карактер таков вид и на волонтерство развиваме, односно волонтирање во спортот на настани во и од епизоден карактер. Каде обично имате волонтери кои волонтираат на пример секоја година во ист формат како што е случајот со Скопскиот маратонот.
Потоа СЕХА фајнл форот кој се одржа во Скопје. На барање на организаторите Вардар успеа да најде една убава бројка на млади ентузијасти волонтери кои тука не застанаа, туку се обидуваа својот интерес за волонтирање да го задоволат и на други настани. Слободно можам да истакнам дека со РК и ЖРК Вардар работевме со волонтери уште во 2015-та, 2016-та, 2017-та година кога организиравме меѓународни турнири и воедно преставуваше одлично искуство како за волонтерите, но и за луѓето во клубот. Но, слободно можам да тврдам дека настан кој го измени односот кон волонтирањето во спортот воопшто, беше организацијата на Супер Купот 2017 во Скопје. Како заменик менаџер на волонтери морам да признам дека свесно со огромен предизвик ја прифатив позицијата понудена од ФФМ притоа знаејќи дека сме исправени пред еден огромен предизвик да регрутираме, создадеме тим, едуцираме, менаџираме и на крај да оставиме наследство од волонтери во земја и во услови кои до тогаш не беа познати за таа околина, а право на поправен испит немавме.
Денес, од оваа перспектива свесна сум дека завршивме огромна работа, знам дека сменивме нечии животи засекогаш, го покажавме вистинското значење на волонтерството во спортот и покажавме колку професионален и сериозен народ сме, а воедно топол и гостопримлив. Што тоа значи за волонтерите, кои бенефити ги добиваат, им објаснивме со каков предизвик и чест се соочуваат, со какви вештини ќе се здобијат, колку ќе го прошират својот круг на познаници, пријатели и секако ќе бидат дел од еден светски настан од огромно значење за сите нас. Притоа гордо преставувајќи ја својата земја, град, фудбалската федерација и фудбалот како спорт, носејќи ја униформата како волонтер на Супер Купот. По овој настан добивав редовно контакти од волонтери кои се распрашуваа за следните волонтерски можности и искуства.
Тоа ми даде една идеја, насока и некое предзнаење за оформување волонтерска култура во спортот во нашата земја, ми влеа надеж дека ние навистина имаме и капацитет и желба за нештата да се сменат во ова поле. Она што ни недостасува е волонтерски менаџмент систем за кој имам своја идеја веќе подолг период и истата ќе се реализира во многу скоро време, но за тоа потоа. Волонтерската култура не се создава веднаш и не се гради преку ноќ, треба време, многу работа, посветеност и трпение. Но и поддршка од инволвираните организации во спортот од секаков тип. На ова ниво сега, ми е битно да се сфати да се види нејзината убавина, бенефитот како за единката така и за организации како и општеството во целина.
Бидејќи преку волонтерството во спортот можете да направите инклузија на многу ранливи категории граѓани во општеството што е од интерес на сите засегнати страни, сите нас. Исто така со отворање меѓународен повик на волонтери вие правите една сеопфатна и убава туристичка презентација на земјата. Волонтерите во спортот посебно оние на спортски настани се луѓе кои претежно сето свое слободно време, а со тоа и патувањата ги координираат зависно од нивните волонтерски ангажмани по светот. И тука гледам една убава можност за промоција на нашата земја.
И секое волонтерско искуство кога ќе се додаде во кратката биографија на волонтерот, посебно при апликација за работа, сама по себе активност носи поени кај идниот работодавач. Бидејќи секој волонтер со себе носи еден типичен сет на вештини кои се добредојдени за секој работодавец. Доколку зборуваме за настан кој има меѓународна димензија тогаш со отворање меѓународен повик за волонтери, создавате еден мултикултурен тим со волонтери од повеќе земји каде запознавањето друга култура, вежбањето странски јазик како и проширување на личните хоризонти се само дел од многуте бенефити кои би ги добиле доколку волонтерите. И за крај исто така преку волонтирање ја зајакнувате својата самодоверба бидејќи се учите да работите во тим, го градите својот тимски дух, добивате свое место своја улога во тимот и заедно постигнувате резултати, кои пак секако делуваат на вашето психичко и физичко здравје.
Како почнавте вие и кој пат го одевте за да стигнете да бидете дел од организација на Олимписки игри?
Мојот пат во спортот и спортскиот менаџментот е поприлично долг и краток. Долг бидејќи со спорт односно кошарка се занимавав уште од детски денови до 23 години каде прерасна во сериозна активност во македонски рамки, но поради сериозни повреди морав да се откажам. А краток, бидејќи во 2014-та сменив професија и од правник кој работеше на разни меѓународни проекти во политиката, по подолг временски период се решив и ја напуштив својата земја. Како правник не беше повеќе можно да работам во Германија каде се преселив и размислувајќи каде понатаму во која бранша, знаев една работа со сигурност, а тоа дека сите години минати бескрајно ми недостасуваше спортот, мојата кошарка, со секој ден со секој миг, ништо таа радост, тој глад за успех не можеше да го надомести.
Случајно се сретнав со спортскиот менаџмент како наука кој ми отвори една цела нова планета на знаења, искуства, можности и не ми требаше многу време да се одлучам и да започнам со процесот на преквалификација во нова професија. Запишав магистерски по спортски менаџмент во Скопје на ДИФ и свесна дека земјата каде се селам највеќе вреднува и бара практично знаење, искуство, тргнав во потрага по т.н. пракса. РК Вардар каков што ние го знаеме во последните пет години, во тој период беше во своите почетоци, идејата за мое доусовршување меѓу нивните редови ја видоа како заеднички предизвик и така со радост во себе ќе кажам дека поминав навистина прекрасни и многу вредни 6 месеци пракса. Сретнав прекрасни колеги од кого научив многу посебно околу тим менаџментот, флор менаџментот или организација на еден натпревар по сите европски и домашни правила и пропозиции и како се организира и создава една академија за млади категории како и организација на меѓународни турнири.
Со колегите, денес добри пријатели и ден денес сум во редовен контакт имавме и имаме убави соработки и секогаш биле тука да изразат своја поддршка во она што го работам. Но, како што кажав и на почетокот длабоко верувам дека во спортот колку е битна праксата толку е битна и науката и обратно, науката без пракса не оди. Во потрага по таа комбинација на знаење и искуство животот ме однесе на неколку Олимписки игри, како Зимските Млади Олимписки игри Лилехамер 2016; ЛОИ Рио 2016; потоа Зимски Младински Олимписки игри Лозано 2020 и следната година на ЛОИ Токио 2020. Истовремено во 2018-та година бев поканета да бидам дел од меѓународната мастер програма во олимписка наука на германскиот спортски универзитет Келн под водство на проф. д-р. Штефан Васонг, програма под покровителство на Меѓународниот Олимписки Комитет во Лозано, а во организација со уште четири водечки универзитети во светот во оваа бранша.
Така некако започна моето олимписко патешествие научно и практично кое ми донесе еден нов свет на пријателства, култури, нации, ме научи да функционирам во еден интернационален свет каде спортот е главна тема, олимпизмот наша религија, нема погрешно и нема точно, нема вреднувања зошто секој е вреден на свој начин. Професионално ме внесе во еден голем, а всушност мал олимписки свет каде сите кои работиме во него дали во наука, дали на спортски настани и олимпијади или пак во професионален спорт, веќе скоро сите колеги меѓусебно се познаваме и соработуваме и надвор од нашата страст/олимписките игри. Како дел од моите магистерски студии научно истражувам во областа на спортското односно олимпиското волонтерство или попрецизно волонтери на Олимписки игри. Од таму дојде и мојата идеја за консалтинг од ваков тип каде успеав да го сублимирам сето свое научно и практично знаење.