Не веруваме дека има љубител на фудбал со над 30 години кој не знае кој е Ивко Панговски. За да дознаат помладите што пропуштиле, многу се потрудивме да им го доловиме и објавивме десетина статии. Пазете ова, он ја има создавано терминологијата за коментирање.
Кон крајот на јули 2015-та му бевме дома на гости да му правиме интервју. Куќата му е позади поранешната фабрика Алумина во близина на фудбалското игралиште каде дигнаа зграда. Сопругата негова нè послужи со турско кафе и наполитанки, а син му ни понуди лубеница.
Не знаевме дали прво да почнеме со прашања или да го замолиме да ни раскаже што сè му виси во ходникот. Во неговата глава имаше епски приказни полни со историја кои не ги знае друг, анегдоти и факти кои не се наоѓаат на интернет, а во претсобјето знамиња, беџови, амблеми, признанија, слики од кои една со Тито.
Го има и на една уметничка со Дарко Панчев, Дики Бојаџи и Кирил Симоновски Џина, според него најдобар македонски фудбалер на сите времиња. Во преден план му стои запишана фразата по која беше препознатлив во преносите: „Гол, гол...не е гол“. Затоа за Ивко на шега се вели дека е коментатор со најмногу постигнати голови.
Него не можеше пилиштари како нас да му поставуваат прашања за порано. Остававме он да ни раскажува. Без разлика што радиофоничниот глас му беше главно оружје во животот скоро половина век, не му беше истрошен. Зборуваше без престан и земаше воздух исто како пред микрофон.
Зборуваше и додека ја отвораше секоја можна фиока од креденецот полн со фудбалска архива. Каков компјутер, каков ворд, него сè му стои запишано на хартија. Вели: „Имам напишано книга за ФК Вардар и ФК Работнички, ама никој не дава пари за да ги промовираме“.
Со величина како Ивко Панговски беше привилегија да се прави муабет. Го има вршено првиот пренос по земјотресот во Скопје (Вардар – Динамо Загреб 1:1), првиот охридски пливачки маратон 1962-ра, а еднаш главниот уредник на Радио Скопје го пратил да известува и од погреб.
Новинарите биле на одмор па само Ивко бил опција. Една од силните карактеристики во неговиот карактер беше и хуморот. Па Ивко од Бутел почнал вака:
„Моменталната ситуација драги слушатели, тука е телото, се наоѓа во рацете на Лазо, Лазо на Љупчо, Љупчо на Бато и така ајт у пичку матер“.
Од многуте материјали ни го извади листот со составот на екипите од првиот пренос кој одел на Радио Скопје во 1946-та (коментатор Коле Чашуле) и од првото годишно собрание на ФСМ. Тоа што тој го има по фиоки, не се наоѓа на интернет.
Кој друг новинар може да се пофали дека го има во три енциклопедии на Македонија: стенографската, новинарската и државната и дека кога бил на Олимписките игри во Сараево 1984 направил интервју и пиел виски со Кирк Даглас. Две плати го частеле на работа за тоа.
Паралелно со радио репортерството, 30 години работел и како стенограф на Тито и присуствувал на разни затворени седници во владата на СФРЈ.
Ивко Панговски е втор човек кој добил „Златна плакета“ од Фудбалскиот сојуз на Југославија. Прв е Перо Коробар, претседател на фудбалски сојуз на Југославија кој бил и претседател на Врховен суд на Југославија и Претседател на Уставен суд на Македонија.
Со новинарство почнал да се бави од 1948 година. Прво во весникот Единство и веднаш потоа се префрлил во редакцијата на Радио Скопје. Работел во повеќе сектори и на почеток известувал за цената на пиперот и патлиџанот на пазар.
Првите збори во пренос ги кажал на мечот Вардар - Динамо 1950-та година и потоа не се одлепил од микрофонот до пензионирањето во 1989-та.
Зборуваме за коментатор кој бил еден од малкумината кој ги удрил темелите на оваа професија. Тој морал сам да создава терминологија, бидејќи уште ја немало. Нема човек од постарите љубители на фудбалот кој не го слушаше неговиот препознатлив глас во гаража.
Ни доаѓа по малку криво што не му бевме на гости и трет пат.
Е ваков беше Ивко
На 3:26
Сè што имаме објавено од него клик тука.