Сабаленка вели дека не можела да се начуди зошто на неа ѝ се нафрлаат и ја напаѓаат.
„Навистина ми беше тешко да разберам дека има толку многу луѓе кои ме мразат без никаква причина. Не сум направила баш ништо. Никогаш не сум се соочила со толку омраза во соблекувалните. Има многу критичари кои навредуваат на Инстаграм кога ќе изгубиш, ама во соблекувална никогаш не сум се соочила со тоа.
Имав некои чудни разговори, не со девојките, туку со членови на нивните тимови. Тешко беше, многу тежок период, но сега е подобро“, вели Белорусинката која додава дека верува дека и другите руски и белоруски спортисти не се криви за тоа што се случува во Украина.
Минатата недела украинската тенисерка Лесиа Цуренко се откажала од меч со Сабаленка на Индијан Велс. Таа рекла дека „добила паничен напад“ по разговорот со првиот човек на Женската тениска федерација (WTA) Стив Симон кој ѝ рекол дека не можат да ги исфрлат руските и белоруските тенисери и тенисерки.
Притоа на турнирот во САД, руската тенисерка Анастасија Потапова беше медиумски жигосана само затоа што пред мечот со Американката Џесика Пегула на терен излегла со дрес од фудбалскиот клуб Спартак Москва.
Украинските тенисери и тенисерки беа меѓу водечките кои ширеа русофобни коментари и бараа од организаторите на секој турнир да ги исфрлат руските и белоруските тенисери и тенисерки.
На крајот Светската тениска федерација одлучи тие да можат да се натпреваруваат но без знамињата на своите земји. Парадоксално, дури шест руски и белоруски тенисери и тенисерки се најдоа во завршницата на машкиот и женскиот Австралија Опен. Шампионка стана токму Арина Сабаленка.