Промоторот на боксерскиот дуел на векот, Боб Арум пресметал дека само од продажбата на билети, организаторот ќе заработи 74 милиони долари. Најгоре на менито има 1.100 најскапи влезници кои чинат по 10.000 долари. Најскапоцените карти не се пуштени во јавна продажба, туку ќе се продаваат во затворен круг меѓу ВИП личностите.
Цената за останатите карти се движи од 1.500 до 7.500 долари.
„Лудо е, но така е. Просто неверојатно. По сè изгледа неделава ќе ги продадеме сите карти, затоа што владее права хистерија за влезници“, изјави Боб Арум.
Телевизиските гиганти Шоутајм/ХБО за гледање на мечот ќе наплаќаат по 100 долари, што подразбира дека доколку 3 милиони гледачи (САД, Канада, Порторико) се решат да ја гледаат борбата, телевизиските куќи ќе заработат вкупно 300 милиони долари.
Рекордот на ваквиот начин на гледаност датира од 2007. година, кога боксуваа Оскар Де Ла Хоја и Флојд Мејведер. Тогаш 2,4 милиони гледачи се решија да платат за да гледаат на телевизија.
Друг рекорд кој ќе биде срушен на 2 мај е оној со откупените тв права од странство. Според промоторот Боб Арум, организаторот ќе заработи 35 милиони долари од странските телевизиски куќи. На Филипини на пример, мечот ќе го пренесува каналот Солар кој платил 10 милиони долари за земјата да го гледа својот идол Мани Пакијао. Во Мексико, најголемите мрежи Ацтека и Телевиза го решиле спорот и се одлучиле заедно да уплатат 2,3 милиони долари за преносот од мечот.
Што се однесува до спонзорите, Корона ќе го спонзорира Мејведер со договор вреден 5,2 милиони долари, највисока сума која производителот на пиво ја платил во својата историја.