Тениските линиски судии ќе станат технолошки вишок

На тенискиот турнир „NextGen“ кој ќе се одржи во ноември во Милано, ќе бидат тестирани нови правила кои се планирани да се воведат и на АТП натпреварите. Ова може да биде почеток на револуционерни промени во тенисот.

Tурнирот каде ќе учествуваат најдоброрангираните осум тенисери под 21 година ќе се одржи само со главен судија, а неговите помошници ќе бидат заменети со технологијата „око соколово“ која веќе 10 години се користи на три Гренд слем турнири.
 
Тоа значи дека тенисерите нема да бараат повторена снимка позната како челинџ, туку компјутерот ќе сигнализира дали топчето е во аут или во поле, а сите тие спорни ситуации ќе одат на видео бим.
„Ова би можело да биде историски момент во тенисот. Нашите тенисери работат напорно и заслужуваат да имаат најдобро судење. Технологијата засега е на пробна работа и ќе видиме како ќе функционира на вистински турнир“, изјави Гејл Дејвид Бредшо, задолжен за правилниците и натпреварувањата во АТП.
Главна цел за која се залага АТП е намалување на времетраењето на тениските натпревари со што би си зголемила гледаноста, па така на турнирот во Милано ќе се игра во четири добиени сетови.
 
Од другите промени најавено е дека ќе се укине правилото за предност при резултат 40-40, а ќе се воведат и консултации со тренерите.
 
Овие нови правила ќе се тестираат на турнирот „NextGen“ во Милано кој ќе се одржи од 6 до 11 ноември.
19 септември 2017 - 13:37