Шампионски пресврт на Јаник Синер, првиот Италијанец на тронот во Мелбурн

По сензационалниот триумф над бранителот Новак Ѓоковиќ со еден загубен сет, Синер одигра уште една страшна партија и по негатива од 0:2 ја освои Австралија опен, со јуначки пресврт против Медведев кој се чинеше дека ја има титулата.

Данил Медведев, кој важеше за поискусен противник во ова финале со оглед на годините, како и титулата на УС опен, можеби влезе како благ фаворит во овој меч, но се соочи со неверојатен пресврт, каков што тој му приреди во полуфиналето на Ѕверев.

Влезе многу самоуверено и за само еден час и дваесетина минути ги зема првите два сета на фуриозен начин со идентични 6-3.

Но потоа на сцена стапи 22 годишниот Синер, кој делуваше посвежо и кој драстично го подигна нивото на игра, израмнувајќи на 2:2 со 6:4 и во третиот и во четвртиот сет.

Русинот практично го плати заморот после долгото полуфинале како и поголемиот број на часови минати на теренот и беше немоќен во последниот сет кој Италијанецот го доби со 6:3.

За Јаник Синер ова беше прво Гренд слем финале и прва титула. Последниот италијански тенисер во слем финале е Беретини кој во 2021-та на Вимблдон загуби од Ѓоковиќ.

Италија чекаше Гренд слем титула 48 години. Последниот освојувач е Адриано Паната кој во 1976-та го освои Роланд Гарос. 

Медведев ќе има многу причини за разочараност, бидејќи го губи третото финале во Мелбурн. Во 2021-та 3:0 од Ѓоковиќ, а во 2022-ра идентично како сега, после водство над Надал од 2:0.

28 јануари 2024 - 13:34