Турнејата Четири скокалници (Vierschanzentournee) е традиционално натпреварување коешто најмногу потсеќа на новогодишните утра и така е веќе 66 години.
Оваа турнеја за првпат била организирана во 1952 година и до денешен ден се одржува без никаков прекин. Како што е познато, реномираната турнеја настапува на сцена во две земји, соседните Австрија и Германија и претставува дел од Светскиот Куп во ски скокови.
Уште од самиот почеток редоследот на сите изданија е сосема ист:
29/30 декември - скокалница Оберсдорф (Германија)
1 јануари - скокалница Гармиш-Партенкирхен (Германија)
3/4 јануари - скокалница Инсбрук (Австрија)
6 јануари - скокалница Бишофсховен (Австрија)
Необично, 4 скокалници е натпреварување коешто е дел од Светскиот Куп но единствено е по тоа што секоја од четирите скокалници посебно се бодува и има единствен начин на натпреварување.
За разлика од сите други натпреварувања каде системот подразбира: квалификации, прва серија и втора серија при што на крајот слави оној кој има најдобар збир од поени во двете серии, Четири скокалници имаат квалификации во кои најдобрите 50 скокачи на светот се поделени во 25 парови и преку систем на директна елиминација (нокаут) се бара влез во финалето.
Бројката од 30 финалисти на крајот се дополнува со најдобро рангираните 5 ски скокачи меѓу поразените, а ваквиот концепт на натпреварување е воведен во 1997 година со цел што повеќе ски скокачи да добијат прилика за пласман во првата и втората серија.
Секоја скокалница има свој победник, а на крајот тоталниот севкупен победник се добива со собирање на бодовоите од сите четири скокалници. За најуспешни нации се сметаат Германија (вклучувајќи ја и некогашна Источна Германија) со 16 победи, Финска 15, а Норвешка и Австрија имаат по 10 триумфи.
ПРВИОТ ПРЕНОС ДОВЕЛ ДО ГОЛЕМА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА
Првото издание на турнирот на 1 јануари 1953-та во Гармиш-Партенкирхен го следеле дури 20.000 гледачи. Во првите години турнирот имал и политички и природни пречки за одржување. Политички проблем била неопходноста од визи за патување меѓу Австрија и Германија како и спорот за знамето на Германија воден меѓу Западна и Источна Германија.
Во тоа време производството на вештачки снег се уште не било усовршено, па имало пречки.
Скоковите на Нова година во 1956-та од Гармиш-Партенкирхен за првпат биле пренесувани во живо, на Баварскиот канал ARD којшто довел до популаризација на овој турнир.
Од 1960-та година се пренесуваат и сите останати скокалници. Две години подоцна, од '62-а резултатите за првпат почнуваат да се мерат со помош на компјутер.
Што се однесува до индивидуалниот план, најдобар скокач во историјата на Четири скокалници е легендарниот Финец Јане Ахонен со вкупно пет триумфи. Зад него е Германецот Јенс Ваислог кој стана првиот ски скокач кој славел четири победи на оваа фамозна турнеја.
Единствен ски скокач кој успеал да победи на сите четири скокалници е познатиот Германец Свен Ханавалд во сезоната 2001/2002.
Неприкосновениот Полјак Камил Стох
И оваа 2018-та ја дочекавме со ски скокови. Ски скокачите на 31. декември и 1. јануари беа во Оберстдорф и Гармиш Партенкирхен а и на двете скокалници пред илјадници гледачи славеше Полјакот Камил Стох.
По триумфот на 31. декември, Стох славеше и вчера по неверојатните сокови од 135,5 и 139,5 метри со кои освои 283,4 бодови. Второто место му припадна на Ричард Фрајтаг со фантастични скокови од 132 и 137 метри а Германецот сега има вкупно 275,8 бодови.
Трет заврши Норвежанецот Андерс Фанемел со 270,2 бода и скокови од 132,5 и 136,5 метри.
Камил Стох е прв на новогодишната турнеја со вкупно 563,1 бод односно 7,8 предност во однос на Фрајтаг кој има дури 187 бодови повеќе од Полјакот во генералниот пласман на Светскиот Куп.
Турнејата Четири скокалници продолжува на 3. и 4 .јануари во австрискиот Инсбрук.