Олимпискиот зимски принц од Норвешка освои и 7-мо злато во кариерата

Неверојатниот Норвежанец Јоханес Хесфлот Клебо победи во денешниот олимписки спринт во скијачко трчање и наскоро би можел да стане најуспешниот зимски олимпиец на сите времиња. 

Дваесет и девет годишниот Јоханес Клебо имаше фантастичен настап во спринт во класичен стил во Крос-кантри на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

Ова е веќе второ злато за Норвежанецот на овие ЗОИ2026 откако веќе славеше и во скијатлон на 10+10 километри, а вкупно седмо злато во неговата олимписка кариера.

Тој има и по едно сребро и бронза од Зимски Игри. Денес заврши прв со време 3:39.74 пред Американецот Бен Огден кој го следеше сјајно и заостана само 0.87 секунди. Бронзата оди кај младиот Норвежанец Оскар Општад Вике кој дебитира на Зимски олимписки игри и за него е ова прв олимписки медал.

Само тројца Олимпијци имаат повеќе злата на Зимски олимписки игри и сите тројца се Норвежани: Оле Ајнар Бјорндален, Бјорн Дали и Марит Бјерген, сите со по 8 златни одличја од ЗОИ.

Начинот на кој Јоханес Клебо трча во Крос-кантри е навистина неверојатен, а тој прави подвиг до подвиг на секој настап. 

 

10 февруари 2026 - 14:57