Горазд Ристовски потпиша за Црвена Ѕвезда. Довербата од балканскиот гигант ја доби на само 18 години, откако успешно ги мина младинските категории во улога на лев бек. Со одлични партии, асистенции, како и титули. Не за џабе е дел и од Македонија У-19.
Првите фудбалски чекори ги прави во ФК Форца, па преку Работнички и академијата на ФФМ стигнува до младинскиот погон во Црвена Ѕвезда која го открива и го зема под свои закрила на само 13 години.
Со тазе ставен потпис за поранешниот европски шампион, Ристовски во ексклузивно интервју за Офф.нет одговара многу зрело и содржајно за годините. Со јасни ставови, избистрени мисли и искуство како да е веќе 10 години дел од сениорскиот фудбал.
Вели дека од неколку играчи се труди да го прифати најдоброто. Од Френки де Јонг, интелегенцијата и брзината на размислување, од Нголо Канте скромноста, а од Хакими и Нуно Мендеш начинот на кој играат модерните бекови.

Горазд, како се чувствуваш што на само 18 години добиваш доверба од поранешен европски првак? Што значи за тебе овој потпис?
Честа е огромна. Кога ќе заслужиш да добиеш покана и можност првиот професионален договор да го потпишеш со клуб кој е европски и светски шампион, најголем на Балканот, одговорноста е голема и тоа те тера уште повеќе да работиш. Тука се и нашите легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, и кога ќе видам дека на некој начин чекорам по нивните стапки, се ми изгледа и малку нестварно. Овој потпис е потврда дека трудот се исплатува, но и голем мотив да продолжам да напредувам и да ги оправдам очекувањата од клубот.

Обично за договорите на играчите во мак фудбалот не се открива ништо, за разлика од големите странски клубови кои имаат пракса да ги пласираат јавно. Какви се правилата во Црвена Ѕвезда? Можеш ли да ни откриеш детали од договорот?
Искрено, кога започнаа разговорите, не бев ниту нешто многу заинтересиран за деталите, едноставно само сакав сето ова што досега сум го правел, да биде крунисано со тој договор. Некако ми е останата во сеќавање една реченица на Пол Сколс, кој вели дека никогаш немал менаџер и дека никогаш не гледал што потпишува кога Манчестер Јунајтед му нудел договор, па и јас така некако. Менаџер немам, се е меѓу мене и клубот и би сакал така и да остане. Јас сум дете на Црвена Ѕвезда, мене клубот ми е како второ семејство, и потполно сум сигурен и верувам дека се што се прави е за наше заедничко добро.

Како се реши да го фатиш овој пат? Те забележа ли некој или самиот ги тераше дома да те запишат на фудбал?
Фудбал почнав да тренирам од својата 4-та година, без никаква амбиција, едноставно моите родители сметаа дека спортот треба да е неизоставен дел од растењето и воспитувањето на секое дете. Моите родители, а ниту моето пошироко семејство немаат никаква врска со спортот, а посебно со фудбалот. На почетокот целата идеја беше да се овозможи мојот правилен развој, како физички така и воспитен, затоа што преку спортот се учат многу суштински и фундаментални работи со кои ќе се соочуваме во животот, како на пример да се научи како се победува и како се губи, почит кон тренерот, соиграчите, судиите, спротивната екипа. Само колку за илустрација, јас до мојата 10-та година тренирав и фудбал и тенис истовремено, и за воља на вистината, и во тенисот бев многу добар. Во целото тоа мое растење преку спортот, многу беше битно што фудбалот е екипен, а тенисот индивидуален спорт, во тенисот зависиш сам од себе, а во фудбалот, колку и ти да си најдобар, зависиш од целата екипа, и си обврзан да го градиш и почитуваш тимскиот дух.

Како почна твојата фудбалската приказна? Со кого ги одигра првите партии? Во кое маало растеше?
Мојот прв клуб каде што започнав да тренирам фудбал е ФК Форца, клуб кој е под раководство на Јовче Џипунов, и слободно можам да кажам дека ФК Форца и Јовче Џипунов се најдобриот клуб и најдобрите тренери каде што едно дете би можело да го започне својот фудбалски пат. Во ФК Форца, јас имав среќа да растам со тренери како Гоце Петровски и Синиша Лучиќ, синот на Јовче, Дани, луѓе кои што освен фудбалски, ме научија и на многу човечки вредности. Во 2019 година прејдов во ФК Работнички, каде што краток, ама многу убав и квалитетен период поминав со екипата која ја тренираше Дејан Цветковски – Мали. Од Работнички, во 2020 година, бев повикан и бев дел од Академијата на Фудбалската федерација на Македонија, каде што тренер ми беше Драган Начевски.

Таму поминав две години, моето 8-мо и 9-то одделение од основното училиште, и од фудбалски аспект, да не беше таа Академија на ФФМ, којзнае дали нешто од сево ова ќе се случеше. Тие две години беа најубавото нешто што можеше да ми се случи, затоа што таму го направив тој прв премин од „детски“ во „голем“ фудбал, што е многу важен момент за секое дете. Таму го добив и првиот повик за настап за македонската У16 репрезентација од тогашниот селектор на таа селекција, Неџат Шабани. Едноставно, луѓето и тренерите во Академијата на ФФМ ме научија на основната фудбалска азбука, ми ги дадоа основите за мојот понатамошен фудбалски пат. И после академијата, секој повик за настап на македонската репрезентација, бил особено искуство, голема чест и гордост како за мене, така и за моето семејство.

Инаку, јас сум роден и израснат на „Млечен“ во Тафталиџе. И да се знае дека како маало, во фудбал сме многу јаки, затоа што од наше маало се и браќата Стефан и Милан Ристовски, со кои инаку не сме роднини.
Првите мечеви ги игравме на плочникот на „Млечен“ и на игралиштето во „Војдан“, а освен фудбалските, најинтересни ни беа партиите „серва“ до доцна во ноќта, а која што и ден денес уште ја играме кога сум во Скопје. Додека бев се уште ученик во ОУ „Војдан Чернодрински“, настапував за училишната екипа во училишната лига на Општина Карпош, и бев многу горд и среќен, затоа што тогаш јас бев меѓу најмалите, 6-то и 7-мо одделение, а бев најдобриот стрелец на екипата.

Како се случи повикот од Црвена Ѕвезда на 14 години?
Повикот од Црвена Ѕвезда дојде сосема неочекувано, на крајот од 9-то одделение, месец мај 2022 година, кога завршував со престојот во Академијата на ФФМ и кога требаше сите да се вратиме во своите матични клубови. Имено, пријатели на моите родители од Белград им јавиле дека луѓето од академијата на Црвена Ѕвезда бараат контакт со нив, контактот се оствари и ме поканија на проба. Бев таму една недела, играв два натпревари, првата за вториот тим, втората за најдобриот тим од тогашната возрасна категорија, по што следеа секојдневните тренинзи заедно со првиот тим на Црвена Ѕвезда. Уште после два меча, од клубот рекоа дека се многу задоволни и дека би сакале да бидам дел од нивниот тим. А нешто највеќе што ми остави позитивен впечаток од таа недела помината во Белград, е тоа што од клубот ме поканија да останеме во Белград уште еден викенд и да го следам последниот натпревар од таа сезона заедно со другите од клубот, а затоа што тој последен натпревар беше дербито против Партизан. Црвена Ѕвезда победи, и ме однесоа заедно со целиот тим да славиме на терен, што во тој момент беше навистина фантастично чувство.

Што ти понуди гигантот? Како се организирани во однос на сместување, школо, финансии? Дали тоа со нивни обврски во целост? Сам ли замина?
Голем клуб како Црвена Ѕвезда ништо не остава на случајност. Се е максимално организирано и подредено да се овозможи сите деца што се во академијата да ги имаат максималните услови за сместување и исхрана, тренинг, а особено за школувањето. Од клубот многу инсистираат на важноста за школувањето, многу е битно и се следи кое дете како се однесува и напредува. Се нудат повеќе опции, јас одбрав да си продолжам во државните гимназии како редовен ученик, не отидов како вонреден ученик, затоа што сметам дека редовното школување е многу битно, како за се понатаму во животот, така и за развојот на фудбалските квалитети. Оваа година успешно матурирав, и дефинитивно ќе продолжам со моето факултетско образование.

Инаку, условите за работа и тренинг во клубот се феноменални, од терени, обезбедена опрема, квалитет на тренерите и тренинзите, односот на сите луѓе во клубот, се е подредено на децата од академијата. Тие години, моето семејство скоро секој викенд беше во Белград со мене, што многу ми помогна да ја немам таа носталгија за дома. Многу сум среќен што останав во секојдневен контакт со моите другари од Скопје, што скоро ми личеше и како да не сум си заминал од дома. Знаете, тие работи се многу битни, да имаш некој твој во секој момент да те слушне, да ти каже нешто за поддршка, да те увери дека не си сам, и затоа им благодарам на сите.

Задоволен ли беше од приемот? Те гледаа ли домашните играчи како конкуренција?
Самиот прием беше одличен. а особено од тренерите и целокупниот стручен штаб, што многу ми го олесни периодот на прилагодување. Соиграчите од тимот, а и другите деца од академијата ме прифатија одлично. Позитивното беше што сите беа дојдени од некаде во Белград, па така сите на некој начин бевме странци. Ептен ми беше интересно што одеднаш се соочив со многу различни деца, од различни градови и држави, нов јазик, нова култура. Одењето во училиште многу ми помогна затоа што тамо создадов друштво надвор од фудбалот, со деца што се скроз во други спортови, а и го научив одлично српскиот јазик.

На камп во Ајакс избран во тимот на неделата
Нормално дека сите си бевме конкуренти во тимот, меѓутоа тоа е онаа здрава, тимска конкуренција. Конкуренција што те тера секој ден, секој тренинг да го даваш максимумот од себе и постојано да напредуваш. Академијата на Црвена Ѕвезда е најдобрата во регионов, сите млади фудбалери од Балканот, па и пошироко, сакаат да се дел од тој систем, и што ќе рече, секогаш има некој позади тебе во редот, што чека да го заземе твоето место. Едноставно, тоа те тера секој ден да си најфокусиран и да си најдобриот од себе.

Како функционира школата на Црвена Ѕвезда? Колку деца тренираат? Што се бараше од тебе кога замина?
Школата на Црвена Ѕвезда е огромен систем. Стотици деца поминуваат низ академијата на различни возрасни категории. Од сите се бара дисциплина, брзо приспособување и максимална посветеност, и на тренинг и во учењето, нема многу време за прилагодување. И една работа за која нема компромис е почитта, и тоа кон сите. Кон соиграчите и другите деца, тренерите, луѓето од клубот, тетките од економатот, техничкиот персонал и обезбедувањето, ама баш кон сите односот треба да биде со највисока почит, затоа што сите таму сме дел од Црвена Ѕвезда, дел од клубот, и сите треба клубот да го претставуваме во најдобро светло. Истото, ако не и повеќе, важи и за надвор од клубот, во автобус, ресторан, кафиќ, а посебно во училиште, затоа што ти секаде каде и да одиш си играч на Црвена Ѕвезда, ти си лицето на клубот, и не смееш со твоето однесување на било кој начин да му наштетиш на клубот.

Во Црвена Ѕвезда имаш соработувано со многу тренери, а меѓу кои и легендите на клубот Ненад Милијаш и Дејан Станковиќ. Какви се одблизу? Имавте ли разговори? Кои се нивните совети и насоки?
По последните две сезони во младинската селекција, тренер ми беше Ненад Милијаш. Легенда на Црвена Ѕвезда, една од најголемите, човекот што бил капитен на Црвена Ѕвезда кога тимот повторно ја освојува шампионската титула по пауза од 6 години. Фантастичен педагог, па потоа тренер. Секогаш неговиот совет бил непогрешлив, колку и тоа да ми изгледало чудно во моментот. Тој и неговиот стручен штаб можеби ми ја дадоа најголемата шанса и најголемиот поттик за време на мојот престој во академијата, и за тоа засекогаш ќе им бидам неизмерно благодарен!
Со Дејан Станковиќ имав прилика да соработувам кога последнава година учествував во неколку интервали на трензинзите на првиот тим. И тој истотака ми остави феноменален впечаток. Секогаш смирен, со одлични совети за детали околку моето движење, позиционирање, кога да нападнам, кога да се повлечам.

Имаш ли идоли?
Идол посебен немам, туку се трудам од неколку играчи да го прифатам најдоброто, од Френки де Јонг, интелегенцијата и брзината на размислување, од Нголо Канте скромноста, од Хакими и Нуно Мендеш, начинот на кој играат модерните бекови. Тука до мене се и легендите на клубот, Мирко Иваниќ и Александар Катаи, Раде Круниќ, од кои се „купува“ секој потег на тренинг, а посебно што значи да си професионалец и како се „носи“ дресот на Црвена Ѕвезда.
