Новиот Усеин Болт се трка со бикови

Откако легендарниот Јамајчанец реши да се повлече од атлетиката, некое време се бараше негов наследник. Изгледа дека го најдоа во јужна Индија.

Шринивас Говда (28) се натпреварува во камбала, тркачки спорт од јужната држава Карнатака во Индија, каде луѓето спринтаат 142 метри во каллив терен со бикови.

Говда ја претрчал дистанцата за 13,42 секунди, а 100 метри поминал за 9,55 секунди. За потсетување, најбрзиот човек во историјата на атлетиката, Уесин Болт и натаму го држи светскиот рекорд на 100 метри - за 9,58 секунди.

Но организаторите на трката во Камбала не сакале споредби со Болт.

„Не би сакале никакви споредби со другите. Тие (мониторингот на Олимписки настани) имаат многу посовршени методи и подобра опрема за мерење брзина“, вели за БиБиСи Хинди професорот Гванапала Кадамба, претседател на Академијата Камбала.

А јунакот на приказнава, Шринивас Говда, од местото Мудабидри во крајбрежната област Дакшина Канада, бил радосен што урнал рекорд и за успехот ги пофалил и неговите „соиграчи“ - двата бика што трчале со него.

Додава и дека во трката Камбала учествува веќе седум години: „Се заинтересирав за овој спорт зошто уште од школски денови гледав Камбала“.

ШТО ТОЧНО Е КАМБАЛА?

Камбала на локалниот Тулу јазик значи отприлика „терен со кал“. Ова е традиционален спорт кој потекнува од брегот на Карнатака.

Учесниците трчаат или 132 метри или 142 метри на земјен терен со два бика кои се врзани еден со друг. Во минатото овој спорт бил бурно критикуван од меѓународните организации за заштита на животните.

Во 2014-та година, Врховниот Суд на Индија ги забранил трките со бикови затоа што претходно имало кампања против Џалилкату, еден вид борби на бикови во соседната држава Тамил Наду.

Професорот Кадамба изјавил дека организаторот на овие трки со бикови одговорил на оваа забрана така што го изменил спортот со цел да го направи почовечки.

Во 2018-та, државата ја повлекла забраната за трки во Камбала но само под одредени услови - да не се камшикуваат животните.

Како и да е, трката и натаму е под закана од забрана, затоа што организацијата за права на животните Пета планира да достави петиција до Врховниот суд, со образложение дека трките во Карнатака не се легални.

„Оваа Камбала сега е поразлична од традицоналната Камбала што се одржувала пред неколку децении“, констатирал професор Кадамба.

15 февруари 2020 - 11:33