Во време на сериозна анти-мигрантска државна политика на италијанската влада, една симпатична девојка стана најголем адвокат на борбата за човекови права и слободи на движење.
И тоа на најубав можен начин, преку спортот.
****
Паола Егону уште на рана возраст се извишила многу повеќе од своите врснички, а одмор од школските клупи наоѓала во гледање одбојка на маалските терени. Скоро решила да проба да ја искористи својата висина.
На почеток играла во својата населба и основно училиште, а веќе на 12 години ги направила првите сериозни чекори во овој спорт. Почнала да тренира за локаклниот клуб Галиера Венета, а на 13 години во 2013-та добива повик од Клуб Италија, клуб основан од Одбојкарската федерација на Италија, како полигон за таленти од целата земја.
Со овој клуб одиграла 4 сезони пред да стаса до најдобрата лига, Серија А1.
„На почеток, кога имав 12 години бев многу срамежливо девојче и не сакав да бидам во центарот меѓу толку многу девојчиња кои не ги познавав. Се прашував: кој ли ме натера да играм? Првиот пат си реков дека веќе никогаш нема да дојдам во сала“, вели Паола Егону во едно од бројните интервјуа.
Наскоро, за да продолжи со одбојката, се преселила во Милано додека нејзините родители со сестрата Анџела (16) и брат ѝ Андреа (11) заминале да работат и живеат во Манчестер. Паралелно со тренинзите и натпреварите во најдобрата италијанска лига, Паола одела и во школо каде постигнала одлични резултати.
Слободното време надвор од сезоната го користи макар еднаш да отиде во Нигерија каде живее нејзиниот дедо (племенски водач во африканската земја) за кого самата Паола вели дека не му се допаѓало тоа што одбојкарките носат толку кратки шорцеви.
Паола се прославила на 17 години, кога на еден натпревар остварила 46 поени! Веста за младото девојче од Клуб Италија брзо се проширила по земјата па Паола добила повик и за репрезентативните категории. Во 2015-та на Италија У-18 и носи светско злато и е избрана за најдобар играч на Мундијалот. Брзо напредувала и стигнала до сениорската репрезентација каде на штотуку завршеното Светско првенство беше апсолутен лидер на „Аѕурите“.
Во полуфиналето на Мундијалот против Кина, пред неколку дена, постави светски рекорд во женската одбојка со страшни 45 поени (39 од напад со 44% успешност, 5 аса и 1 блок). Тогаш за неа се слушна и надвор од границите на Италија и Европа. Светската јавност на големо зборуваше за некоја црномурна девојка која прави чуда во дресот на Италија.
Во своето портфолио, 18-годишната Егону веќе има учество на Олимписки Игри 2016 во Рио, има сребро од Светско првенство 2018, има Куп и Супер куп на Италија. Паола Егону студира право и вели дека е свесна дека со одбојка нема да може да се занимава цел живот а правните науки ги одбрала со цел да се бори против расните дискрминации.
Еднаш се соочила со расизам кога во супермаркет неосновано ја обвинувале дека „гледа по рафтовите што да украде“. Таа епизода ја натерала да реши целиот живот да се бори против расизмот. Додава дека нема тетоважи и важи за посветен верник на христијанската вера.
Во финалето Паола Егону загуби од Србија која стана светски шампион, но стекна планетарна слава и докажа дека и меѓу оние луѓе на бродовите на Средоземното море кои бараат спас на италијанско тло, има некоја Паола Егону за која општеството треба да има слух и разбирање а не да ги затвора границите како што тоа го правеа италијанските власти во изминатиот период.