Рони О’Саливен успеа да надомести заостаток од 3:6 во фрејмови против одличниот Али Картер во големото финале и на крајот да слави 10:7 за рекорден осми трофеј од елитниот Мастерс.
Ова е прв ваков пехар за О’Саливен од 2017-та година а тој ќе стане побогат за 250.000 фунти!
Првиот Мастер фантастичниот Рони го освоил на само 19 години во 1995-та година а осмиот во 48-та година па така тој е најмлад и највозрасен шампион во историјата на Мастерсот.
Рони сега ќе има шанса да слави тројна круна за првпат во неговата кариера. Тој пред овој Мастер освоен во финалето против Картер, претходно го освои и Отвореното првенство на Велика Британија а за да направи голем подвиг кој го направиле само тројца играчи досега (Стив Дејвис, Стивен Хендри и Марк Вилијамс) ќе мора да слави на Светското првенство кое од 20-ти април до 6-ти мај ќе се одржува во англискиот град Шефилд.
„Јас никогаш не сум бил оптеретен со титули ниту со бројки. Можам да освојам и Светско првенство но ќе морам да го дадам и последниот атом сила за тоа“, рекол О’Саливен по новиот шампионски пехар кој го освои во лондонската сала „Александра Плац“.