Многу работи можат да се случат за една стотинка, а разликата во еден стотти дел од секундата го чинеше пливачот Џејмс Магнусен златен медал на трката на 100 метри слободно. Тој беше фаворит на трката која ја исплива за 47.53 секунди, но Американецот Нејтан Адриен имаше време 47.52 секунди.
Тоа не првиот, но секако не и последен пример како една трка е решена со разлика од една стотинка.
Сите се сеќаваме на трката на 100 метри пеперутка на Олимписките игри во Пекинг 2009 кога Мајкл Фелпс го победи Србинот Милорад Чавиќ за само една стотинка.
Во истиот базен Германката Брита Стефен беше побрза од ветеранката Дара Торес на 50 метри слободно за еден стотти дел од секундата.
Две трки беа одлучени на тој начин и на Олимписките игри во Атина 2004. Британската штафета на 4х100 метри беше побрза за една стотинка од штафетата на САД, исто како и Гери Хал кој исплива со време 21.93 на 50 метри слободно, а Хрватот Драгања имаше време 21.94 секунди.
Сепак ова не се најблиските трки. На Олимписките игри во Минхен 1972, Швеѓанецот Ларсон и Американецот МекКи испливаа на трката на 400 метри мешано испливаа со време 4:31.98 минути. Но златото му беше дадено на Ларсон затоа што тој бил побрз за две милисекунди (4:31.981 - 4:31.983).
Од следната година Светската пливачка федерација реши да го укине мерењето на илјадитиот дел од секундата и од 1973-та година времето на пливачките трки се мери само до стотинки.
Како се мери времето во базен?
Компанијата Омега е официјален мерач на времињата на Олимписките игри уште од 1932-та година. Тие тогаш ја спонзорирале Олимпијадата со 30 стоперки. Денес во Лондон има 450 професионално обучени мерачи на време, како и 800 волонтери.
Плочите со сензор за мерење на време за прв пат биле употребени во базените на Олимписките игри во 1972-та година. Крајното време се одредува со притискање на плочите на финишот, а сензорите реагираат на поместување од 2 милиметри по допир од пливачот. Доволно е пливачот да направи притисок од 1,5 до 2,5 килограми, а сензорите не се активираат под притисок на брановите.
Над базените има специјални камери кои служат како поддршка. Овие камери прават по една слика на секоја стотинка.
Како спортистите тренираат за таа една стотинка?
Секојдневно се поместуваат границите на човечките можности и се рушат светските рекорди. За тоа најмногу е заслужна технологијата и милиони долари вложени во развојот на спортот.
Еден пример за тоа е спринтерката од САД, Лоло Џонс. Нејзините спонзори, компанијата Ред Бул плати 22 научници и техничари за да и ги следат движењата за време на трка на 100 метри со пречки.
Со помош на 40 камери кои снимаат и до 1.500 фрејмови во секунда, тие го измерија секој нејзин чекор и секое движење по што заклучија дека таа прерано ги прескокнува пречките.
„На секое прескокнување пречка кратам по 2,5 сантиметри, а на 10 пречки тоа се вкупно 25 сантиметри. Тоа е премногу кога губиш или победуваш за стотти дел од секундата", заклучи Џоунс.