Меѓународниот олимписки комитет на својот Извршен одбор во вторникот решил младите атлети со руски и белоруски пасоши да можат да се натпреваруваат под нивното знаме и национална химна.
Оваа нова позиција на МОК доаѓа пред младинските Олимписки Игри во Дакар, Сенегал 2026, а не се споменати Зимските Олимписки Игри во Кортина, Италија следната година каде Русите и Белорусите сега за сега би требало да се натпреваруваат како неутрални спортисти под знамето на МОК.
„Со своите разгледувања, Олимпискиот Самит смета дека атлетите, пред се младите спортисти не треба да се држат заробени поради акциите на нивните влади - спортот е нивната надеж и начин да покажат дека сите спортисти можат да ги почитуваат истите правила едни за други“, стои во соопштението на МОК.
Меѓународниот олимписки комитет се уште стои на позиција дека Русија не треба да може да биде домаќин на меѓународни натпреварувања, додека Белорусија може. Исто така зборувано е и на темата дека официјалните владини лица од Русија и Белорусија не би требале да бидат дел од организација на младински и сениорски спортски настани.
Претседателката на МОК, Кирсти Ковентру која седна на столицата на МОК во јуни годинава, рекла дека таа е отворена да ја види Русија како се натпреварува на Олимписки Игри 2026.
Одлуката е донесена на Олимпискиот Самит во Швајцарија каде е констатирано дека младите спортисти имаат фундаментално право на спорт ширум светот и да се натпреваруваат слободно без политичка вмешаност или притисок од владини организации.
УЕФА претходно им дозволи на младите руски фудбалери да се натпреваруваат на турнирите под нивна закрила но оваа одлука наиде на жесток притисок од одредени земји кои на крај ја принудија УЕФА да почека со таква одлука.