Како подготовки за Летните Олимписки Игри чиј женски фудбалски турнир е планиран да се одигра од 21 јули до 6 август, селекцијата на САД продолжи да ги меле противниците.
Во рамки на турнирот SheBelievesCup кој од 2016-та година се одржува секоја година од февруари до март во Америка, домашната селекција предводена од македонскиот стратег забележа 3 победи на 3 меча со 9 постигнати голови и 0 примени.
Things that never get old ⤵️ pic.twitter.com/8fOUjV7CTr
— U.S. Soccer WNT (@USWNT) February 25, 2021
44-годишниот Скопјанец Андоновски на 28 октомври 2019-та година беше промовиран во селектор на Америка и од тогаш женската фудбалска селекција на САД има 16 победи по ред во сите натпреварувања (немаат пораз на дури 37 меча по ред досега).
Во репрезентацијата на САД играат големи ѕвезди како Меган Рапино, Чарли Лојд и Алекс Морган кои се запишаа во листата на стрелци во триумфот 6:0 над Аргентина.
„Секогаш е тешко да се игра против тим кој е ниско поставен, кој се брани, тешко е да се пробие. А тешко е и брзо да се направи тоа, така што ни требаше време да се наместиме на корнери, на позиции. Тоа го баравме. Колку брзо може да го сториме тоа? Никој не може да знае.
Сфаќањето на нашите принципи, имплементација на нашите принципи и индивидуалната завршница, но и тимска игра е она по што тежиме. Севкупно пресреќен сум како игравме и како брзо успеавме да ја отклучиме Аргентина и како го завршивме мечот“, изјави Влатко Андоновски по триумфот на неговата репрезентација.
Женскиот тим на САД ги продолжува подготовките за Олимписки Игри во април (5-ти и 13-ти) кога во Европа ќе играат две пријателски средби против противници кои уште не се одлучени.