Влатко Андоновски е роден на 14 септември 1976 година во Скопје. Во кариерата најчесто играше бек а забележа и неколку настапи за репрезентацијата на Македонија.
Во 2000-та година прифаќа понуда од американскиот клуб Вичита Вингс во Националната американска професионална лига, а од таму продолжува да игра за Канзас Сити Кометс, Калифорнија Кугарс и уште неколку клубови. На крајот од активната играчка кариера решава да се проба и во футсал, мал фудбал во сала во тимот на Филаделфија Кикс.
Откако ги положил сите испите да стекне тренерска лиценца, Андоновски (43) во 2013 почнал да работи во женскиот фудбал каде за само неколку месеци покажал дека има огромен талент за тренерска професија.
Последните седум сезони ги поминал во женската лига на САД каде освоил две титули и еднаш бил прогласен за тренер на годината како тренер на Канзас Сити.
Во последниве две години е тренер на клубот Реин од Сиетл за кој игра една од најдобрите фудбалерки на сите времиња, Меган Рапино, како и репрезентативката Ели Лонг. Андоновски два пати стигнувал до плејофот со Реин.
Фудбалската федерација на САД му понудила договор на Андоновски откако заминал претходниот селектор Џил Елис кој ја направи Америка светски шампион на Мундијалот летово во Франција.
Скопјанецот откако ќе ја преземе клупата на женската репрезентација на Америка, набрзо ќе ги има првите испити - пријателски натпревари против Шведска (7 ноември во Колумбус, Охајо) и против Костарика (10 ноември во Џексонвил).