Лас Вегас се подготвува за најголемиот боксерски настан

Ракавиците ќе ги вкрстат двајцата боксерски ѕвезди познати под прекарите „Пари" и „Златното момче". Според Форбс борбата можно е да биде најпрофитабилна во историја, а ќе сруши неколку рекорди и се очекува да донесе приход од околу 200 милиони долари.

„The One" е името на утрешната боксерска битка во „Гранд Гарден Арена" во Лас Вегас која со нетрпение ја очекуваат милиони американци. Во рингот ќе влезат искусниот Флојд Мејведер Јуниор и 13 години помладиот Мексиканец Канело Алварез.

За 23 годишниот Алварез кој достигна голема слава во Мексико ова ќе биде прво јавно претставување пред американската публика, а во рингот ќе влезе како непобедлив на 43 мечеви на кои има 42 победи и само едно реми.

Црвенокосиот Мексиканец ќе се соочи со машината за правење пари или поточно човекот кој го викаат „Пари" затоа што со целиот кеш често пати се фали на социјалните мрежи. Според Форбс тој е најплатен спортист во светот за минатата година.

Само во 2011 година заработи фантастични 85 милиони долари, дури 25 милиони повеќе од второпласираниот најплатен спортист во САД, а од последните 4 борби на сметка му легнаа 110 милиони долари.

Утрешната борба ќе му донесе нови 41,5 милиони долари на Мејведер, што е рекордна заработувачна за еден боксер од еден меч, додека Алварез ќе земе 29,5 милиони помалку, односно 12 милиони долари.

Доказ за интересот на мечот се рекордните 2,44 милиони гледачи кои се претплатиле во живо да го следат преносот, а со тоа е срушен рекордот кој го постави Мејведер во 2007 година на борбата против Оскар Де Ла Хоја.

Вториот рекорд е од продажба на влезниците кои се продале за 24 часа, и од кои заработувачката е скоро 20 милиони долари. Целосниот приход од оваа борба се очекува да биде околу 200 милиони долари.

Многумина веруваат дека Алварез и покрај тоа што има само 23 години, тој е посилен и има доволно искуство да го нокаутира Американецот кој е непобедлив на 44 меча.

13 септември 2013 - 12:54