Топ тема од трката на Ф1 во Бахреин е инцидентот поради кој имаше пауза од 80 минути.
Французинот Грожан имаше контакт со болид на АлфаТаури по што излета од патеката и удри во железната ограда. Неговиот болид се преполови и веднаш се запали.
По страшната експлозија, од пожарот за чудо застанат на нозе се појави возачот на Хас. Скафандерот му гореше, но тој е тестиран да издржи температура до 800 степени. Велат дека тоа е можно 11 секунди, а таа го заштити 27.
Но оганот кој потоа го гасеа од неговото тело оди во втор план. Грожан се заби во оградата со брзина од 221км, а она што вистински го спаси е таканаречениот “Хало“ систем за кој и самиот призна во видеото кое го сними од болница.
Се работи за систем за безбедност, воведен како задолжителен во Формула 1 пред две години кој помина со многу критики. Се состои од искривена шипка поставена како заштита за главата на возачот. Изработена е од титаниум и тежи 9 килограми.
Инаку системот не е развиен од тимовите, туку е произведен од тројца надворешни производители избрани од ФИА и има иста спецификација за сите болиди.
Во симулацијата што ја има извршено ФИА, користејќи податоци на 40 инциденти, употребата на системот доведе до 17% теоретско зголемување на стапката на преживување на возачот.
Кога во 2018-та го поставија како задолжителна заштита, дел од возачите и тимовите удрија со дрва и камења. Демек грди биле болидите со таа шипка и потешко било за влез и излез.
„Кога би имал моторна пила, веднаш би го пресекол тој дел“, изјави Тото Волф, основач од Мерцедес
„Грозно, го отежнува влегувањето и излегувањето од болидот. “Хало“ системот прави повеќе проблеми. Јас сум против ова, Формула 1 треба да биде безбедна, ама треба да биде и возбудлива“ рече Кевин Магнусен од тимот на Хас.
На првиот човек на Ф1, Жан Тод им одговори дека се однесуваат како деца и немаат право да бидат критични за зголемената безбедност.
Во 2015-та година, Тод добил писмо од Здружението на возачите во Ф1 потпишано од Џенсон Батон, Себастијан Фетел и Александар Вурц во кое тие бараат да се воведе поголема заштита за возачите.
Таа тема посебно се актуелизираше по несреќата на патеката „Сузука“ во октомври 2014 година во која настрада францускиот возач Жил Бјанки.
Иронијата е најголема што и самиот Грожан се противел за шипката, а Луис Хамилтон изјави дека без неа главата ќе му беше пресечена.
Во 2017-та среќникот Грожан изјави:
„Јас расчистив уште на самиот почеток. Не ни треба ништо. Јас сум против секој “Хало“ систем, штит или што и да е. Тоа не е Формула 1.
Сега истиот човек после ова што ќе го видите на видеото, нема никаква скршеница и помина само со изгореници на рацете, а докторите му рекле дека треба да остане во болница само една ноќ.