Новак Ѓоковиќ
Ако се погледнат резултатите на Новак на земја, сликата е прилично шарена. Една титула, едно финале, еден чуден пораз од Јиржи Весели во првото коло на турнирот во Монте Карло. Еднакво како и во Мадрид, и во Рим Србинот не играше со леснотија која што беше присутна до неодамна.
На двата последни турнири Новак се обидуваше со мисли да се врати на теренот, но не успеваше и поради тоа имаше блед почеток на сите мечеви минатата недела. По правило Ѓоковиќ брзо доаѓа до израз, но во Рим мораше да се изнаигра многу сетови. Србинот правеше повеќе грешки од вообичаеното и беше понервозен од претходно - на еден меч за малку не го скрши рекетот, а на друг се скара со судијата незадоволен од одлуката да го продолжи мечот и покрај влажниот терен од дожд. На трет натпревар за малку себеси не се повреди ненамерно.
На прв поглед формата на Новак пред Ролан Гарос не може да се нарече совршена, но таквиот впечаток сè уште е неубедлив. После победата во Мадрид мораше да игра на турнир во Рим на тешки услови - времето не се погоди, организаторите го ставија неговиот меч во неудобно време а тој немаше среќа ниту со мрежата. Ноле на римската земја играше против Белучи, па против Надал, па Нишикори и на крајот загуби од Мареј кој му беше сериозен ривал во финалето и му го нанесе решавачкиот удар.
Недела дена пред Ролан Гарос, Новак најверојатно ќе се врати во рутинската форма и се разбира иако не е во најсветлиот дел од сезоната на земја, во Париз тој ќе биде главен фаворит.
Енди Мареј
Кој би помислил пред неколку години дека Енди ќе се смета за еден од главните фаворити за триумф во Париз. Но постои причина за тоа. Мареј одлично ја темпираше формата. Не играше уверено во Монте Карло, но се разигра во Мадрид каде играше финале и во Рим каде го освои својот втор Мастерс на земја. Тешко дека некој ќе каже дека Мареј имал среќа во Рим поради дождот, напротив во финалето дојде посвеж за разлика од противникот.
Но да се победи Новак не е доволно само свежина, туку и големо пожртвување а Британецот успеа да покаже дека може да игра против Новак. Сервисот го служеше за време на целиот турнир во Рим и секако бекхендот со кој го доби финалето. Мареј веројатно сега е единствениот кој може да игра на лева страна така остро и стабилно како Новак.
Интересно е што Енди заработил на земја повеќе поени од Новак и повеќе од Надал. На Грен Слемот во Париз Мареј заслужено е меѓу фаворитите.
Рафаел Надал
За Рафа месецов беше пробој - првпат после долго време беше во состојба да победува на турнир од серијата Мастерс и што е најажно ја врати својата игра.
Надал го подобри движењето, бекхендот му е подобар, но со форхендот повремено има проблеми. Сепак тоа не е ништо сериозно во однос на почетокот на годината. Можеби најслаба точка во моментов му е тоа што претходно се потпираше на прецизноста на ударците, а не на брзината, а сега обратно. Првиот сервис не му е критичен, но вториот му е слаб и лесен плен за противниците.
Техничкиот проблем е на второ место кај Рафа. Многу поважно му е да се чуствува самоуверен на теренот, а тој често сомнева во исправноста на своите решенија. Надал секогаш играл на инстинкт, неговото тело како само да знаеше каде да се намести и да го однесе противникот во ќошето. Сега се чини дека главата и телото синхронизирано му работат што резултираше со тоа Надал да почнува да мисли како ќе изгледа поенот, наместо веќе да го слави.
Тоа беше совршено очигледно на мечот против Ѓоковиќ во Рим, каде Рафа не можеше да го освои сетот по дури пет сет топки, а Новак ја искористи првата шанса да одат на пауза. Иако е близу до топ формата, Надал на дуелите со рамноправните противници покажа дека сè уште не е во состојба да се носи со нервите, иако е извесно подобрување во тој поглед.
На Надал му е потребно неколку големи победи за пак да биде сигурен во себе. И ако дојде до такви победи на Ролан Гарос, тогаш нема причина зошто Шпанецот не би загризал по десетти пат за "Купот на Мускетарите".
Кеи Нишикори
Мечот на Кеи со Ѓоковиќ во Рим беше еден од најважните и најупорните сезонава. Јапонецот покажа неверојатна кондиција и истрајност и се враќаше во игра од неверојатно сложени ситуации.
Кеи има скоро сè што е потребно за успешна игра на земја и може да игра против Ѓоковиќ во секакви услови. Нишикори е активен на приемот, стабилен е на линијата и не се предава до последната топка. Сепак му фали нешто поважно што ќе го прави врвен играч од елитата.
На Ролан Гарос Јапонецот може да победи било кој, но треба да се спојат премногу фактори за Кеј да стигне на пример во финалето.
Од сенка
Неколку играчи на претходните турнири докажаа дека не треба да бидат отпишани иако не се меѓу фаворитите. Во таа група спаѓа и Стен Вавринка, актуелниот шампион на Ролан Гарос.
Швајцарецот за цел месец победи само на три меча и формата му е во постојан пад. Секако, тој може да го повтори успехот од лани, но шансите за тоа со оглед на формата му се многу мали.
Во оваа група е и Роже Федерер кои се врати на турнирите после повредата. Со оглед на времето на теренот после повредата, тешко е да се каже дали би можел да ја подигне формата за една недела. Федерер не ги кажа јавно неговите планови и сè уште не донел конечна одлука за тоа дали ќе игра на Ролан Гарос. Од Ник Кирјос може да се очекува голем напредок во секој момент. Австралиецот е зрел за големи победи, овој месец демонстрираше дека може да игра успешно и на земја.
Кирјос е спремен да се бори (тоа се виде на мечот против Надал) и ќе има голема поддршка во Париз. Ако некој полуфиналист биде неочекуван, тоа би можел да биде Ник Кирјос.