Пред финалето на големиот Мастерс во Мајами, на младиот шпански тенисер Карлос Алкараз (18) му се јавил 87-годишниот дедо Игнасио и му дал совет: „Глава, срце и јајца. Тоа е основа на мојот ментален фундамент“, открил младиот шампион од Мајами кого го викаат „новиот Надал“.
Дедо му собирал исечоци од весници за Карлитос кога имал 14 години и кога го освоил првиот турнир Фјучерс во родната Мурсија.
Покрај најголемиот навивач, Карлос Алкараз е опкружен и поддржан и од голема фамилија: родителите, три браќа и тим на тренери предводен од поранешниот светски рекет број 1 Хуан Карлос Фереро.
Младиот Карлос Алкараз кој победи на 18 од 20 меча сезонава, бил загрижен поради принудното отсуство на неговиот тренер Фереро чиј татко починал две недели пред турнирот во Мајами каде дошол дури за големото финале.
Карлос Алкараз затоа големата победа и титула ја посветил на Едуардо Фереро. Способноста да се биде благодарен е во основата на воспитанието на младиот Шпанец.
Ова чувство не само што му помага да напредува туку и му служи како потсетник на приказната на татко му Карлос-постариот кој со 15 години го освоил шпанското државно првенство во тенис, а после за да се развива и напредува морал да се пресели во академијата на Луис Бругера на периферијата на Барселона.
„Луис им кажа на моите родители тогаш дека обука во неговата академија чини 80 илјади пезоси месечно. Но дека имав талент, беа спремни да направат попуст и да ме примат за 40 илјади пезоси (250 евра по денешен курс). За жал моите родители го немаа ни тој износ. Останав во Ел Палмар и се фокусирав на развој на локалниот тениски центар како и на тренинзи и судење.
Младиот Карлоз Алкараз е свесен за одговорноста кон татко му кој направил се за да му овозможи да стане професионален тенисер. Татко му му дал рекет на три години и тој и натаму стои на главно место во неговата соба, опкружен од постери на Надал, Федерер и Реал Мадрид.
„Сомневав дека ќе стане сериозен играч. Се случуваше да го заборава рекетот, еднаш се степа со другарче за јаболки и крушки во кафетерија. Беше немирен, намерно со нога ја копаше земјата и правеше мали дупки на теренот за после промени на ударите да стигне побрзо до топчето кое некогаш и непредвидливо се одбиваше. Карлос се движеше така чудно што му дадов прекар Таразн“, се сеќава првиот тренер на малиот Алкараз, Сантос Боске.
Од осум до 16 години со малиот Карлитос работела и спортскиот психолог Жозефина Кутиљас која ја истакнува неговата дисциплина и спонтаност. Таа раскажала и дека Карлос секогаш се истакнувал по својата издржливост во ситуации за кои другите деца плачеле. Знаел да го прифати поразот на патот кон врвот.
„Не е чудно што кога кралот на Шпанија го повика шампионот во посета по триумфот во Мајами, тој стана понервозен од кога и да е на теренот. На терен тој не се нервира туку ужива во играта“.
Во Шпанија се надеваат дека Алкараз е прв голем плод од реформата на Кралската шпанска тениска федерација започната во 2016-та за зајакнување на турнирската пирамида и поддршка на младите тенисери.
„Играчите на кои им е најмногу потребна помош се движат меѓи „Фјучерси“ и „Челенџери“. Од витално значење е да можат да освојуваат поени без да патуваат надвор од Шпанија и со тоа значително да ги намалат трошоците“, вели претседателот на RFET, Мигел Диаз Роман.
Благодарение на развојната програма во Шпанија значително е зголемен бројот на турнири, а покрај веќе светската ѕвезда Алкараз, тука се и Алехандро Давидовиќ-Фокина од Малага (22 години, 45. на АТП листа), Паола Бадоса (24 години, бр. 3 на женската ранг листа).
Според Tennis Europe, организација која што ја сочнуваат 17 европски тениски федерации, Шпанија е домаќин на убедливо најмногу младински турнири денес.
Уште еден важен фактор во развојот на Алкараз е тоа што од 14 години тренира во академијата Фереро кај големиот Хуан Карлос. Таму ги враќаат дома сите деца без одлично образование и стекнати дипломи без оглед на големиот талент. Затоа Карлитос е свесен за важноста на школството па тој меѓу тренинзите е опкружен со книги и учебници.
Покрај сите таленти на Алкараз, неговиот тренер ја забележува и искреноста, скромноста и благодарноста на шампионот. Тоа се потврдува и за време на натпреварите.
Во полуфиналето на Мастерсот во Мајами против Хуберт Хуркач Шпанецот изведе скратен удар, Полјакот ја стигна топката но судијата досуди дека топчето веќе тапнало два пати на земја. Карлитос тогаш ферски застана на страна на Хуркач и се заложи кај судијата да му го даде поенот на ривалот за што доби големи аплаузи од трибините и од Полјакот.